Германскиот амбасадор Герберих ја повика ВМРО-ДПМНЕ да гласа во Собранието: Ве молам, немојте да ја изолирате Македонија

Германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, отворено ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по референдумот, да гласа за уставните амандмани во Собранието.

Со преку 91 процент од гласовите, гласачите во Македонија дадоа огромна поддршка за нивниот европски пат и членство во ЕУ и НАТО. Жалам што само 37 отсто од гласачите со право на глас учествуваа на референдумот и со тоа не беше постигнат потребниот цензус. Сепак, референдумот не е обврзувачки, и сега е клучно да биде постигнато неопходното двотретинско мнозинство за уставните амандмани и за промена на името во неопходното гласање во Собранието. Затоа, ја повикувам македонската опозиција да се приклучи и да гласа во корист на уставните амандмани, а со тоа и за патот на нивната земја кон НАТО и ЕУ. Ве молам, немојте да го блокирате овој пат за Македонија на долг рок и со тоа да ја изолирате земјата во рамки на Европа – рече Герберих синоќа на приемот по повод првата регионална конференција за правата на ЛГБТ во Западен Балкан, која се одржува во Скопје.

Тој го цитираше политичкиот аналитичар и поранешен член на Меѓународната кризна група, Едвард Џозеф, кој рече дека договорот за името меѓу Македонија и Грција заслужува Нобелова награда, бидејќи создаде нов модел за решавање на меѓународни договори, особено во врска со прашањата за идентификација.

– Но, уште повеќе, договорот го отвора патот за создавање на ново македонско општество. Ново општество во кое преовладува правната сигурност, во која сите луѓе можат да ги остваруваат своите основни човекови права, во кои никој не им диктира на луѓето какви треба да бидат нивни мислења, или кого треба да сакаат – истакна Герберих.

Тој рече дека новата македонска влада постојано ја демонстрира политичката волја да ги преземе неопходните чекори што ќе овозможат, не само добросеседски односи во регионот, туку и ќе водат кон брз влез во ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e