Јасни ми се блокадите кои настануваат и односите на политичките партии, во однос на законот за Јавно обвинителство. Не може да се измисли формула по која ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за најдобар експертски закон. Секој таков би бил оценет како сдсмовски. Министерството за правда води лоша приказна уште од почеток. Треба да измислат нова стратегија на кој начин енергијата и фокусот на реформите ќе се реализираат во некакви промени. Треба да се фокусираат на промена на составот на Судскиот совет, смена на 20 судии за кои има очигледни докази дека се компромитирани во делот на вршењето службена должност. Треба да соберат капитал на промени, ако не одат овие големи двотретински закони, треба да организираат стратегија на реформи, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски.
-Министерството за правда мора со решенија да направи темпо на реформи, а потоа да ги повлечат овие точки кои стојат блокирани. Со карање преку соопштенија со ВМРО-ДПМНЕ нема да ги кандисаат да гласаат. Мора да ги соберат сите трошки околу и потоа да се фокусираат на тоа дека има волја за резултати, вели Фрчкоски.
Тој смета дека поставувањето на судството на нови темели не е работа која самото судство може да ја изведе. Туку тоа е политичка операција која, како што вели, бара чесни политички елити кои може да изведат промени и да се воздржат од дирекно инструментализирање на судиите кои ќе ги предложат. Според Фрчкоски тоа е тешко, но не е невозможно.