Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе биде одликувана со орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“, а одликувањето во име на претседателот на Франција, ќе ѝ го врачи министерката Женевјев Дариесек, државен секретар на Вооружените сили на Франција, утревечер на прием во резиденцијата на Франција во Скопје.
Шекеринска го добива ова признание поради нејзиниот особен придонес кон развојот на односите меѓу Македонија и Франција, како и поради нејзината посветеност на промовирањето на европските граѓански вредности во Македонија.
„Одликувањето е признание за талентот, вредностите и исклучителната храброст на министерката Шекеринска“, велат од Амбасадата на Франција и потсетуваат дека за време на мандатот на Шекеринска како вицепремиерка за европски интеграции, во 2005 Македонија од Европскиот совет го доби статусот земја кандидат за членство во ЕУ, што претставуваше голем чекор за Македонија и позитивен сигнал за другите земји од Југоисточна Европа.
„Ова одликување за мене е голема чест и мотив да продолжам по патот што го одбрав, да ѝ служам на мојата земја со сиот личен и професионален капацитет, сето свое знаење и енергија да ги употребам во борбата за она во што верувам-слобода, демократија, еднаквост, правда, напредок. Мојата цел е да придонесам колку што можам во зацврствувањето на европските вредности во мојата држава, Република Македонија, како рамноправна членка на НАТО и ЕУ, во име и за подобар живот на граѓаните. Припаѓам на влада која ја врати земјата на европската и евро-атлантската патека, ве уверувам дека патот на интеграцијата успешно ќе го изодиме“, рече Шекеринска.
Инаку, Шекеринска е прв политичар од Македонија што од Република Франција добива признание од овој ранг.
Орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“ се доделува за истакнати граѓански заслуги, а воспоставен е во 1963 година од генералот Де Гол.
Извор: МКД