Осомничениот Бојан Јовановски познат како Боки 13-ка денеска не даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска, поради тоа што досега немал увид во доказите против него.
Обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција Русковска ја заврши истрагата за „Рекет“ и за ова веќе го известила Бојан Јовановски – Боки 13 првоосмоничениот за Рекет.
Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски рече дека е преседан осомничениот да се повика да даде исказ истиот ден кога е завршена истрагата, иако тој претходно ниту еднаш не бил известен за доказите, ниту повикан да даде свој исказ.
„Европскиот суд за човекови права во Стразбург бара осомничениот веднаш да биде запознаен со основите на сомневање и со доказите. Но и покрај ваквиот преседан,ние нема да се браниме со молчење. Во овие 15 дена ќе ги видиме доказите и иако е истрагата завршена, ќе се договориме Бојан Јовановски да даде исказ“ рече Дуковски.
Дуковски наведе дека здравјето на Боки 13 е сериозно нарушено. Тој имал една операција за намалување на желудник, а потоа уште две неуспешни операции.
„ Постојано повраќа. Го носат во амбуланта му даваат една обична инфузија и со тоа се завршува. Реално не му е добра здравствената состојба. Ние сме позната нација – секој на секого му се сити. На социјалните мрежи пишуваат дека можеби е труден, а реално не му е добро“ рече Дуковски.
Утре во Обвинителството за гонење на организиран криминал е повикана и Катица Јанева која е во притвор повеќе од 30 дена.