Преспанскиот договор и договорот со Бугарија беа единствениот пат за евроинтеграција на Македонија. Од 2005 сме со статус земја кандидат за членка на ЕУ НАТО. Покрај Грција можеше и Бугарија да не блокира, тоа беше индикатор дека мора да се решат споровите со овие две земји, вели универзитетскиот професор и член на МАНУ, Таки Фити.
Според Фити, разочарувачка и фрустрирачка е одлуката на ЕУ да не и даде датум за преговори на Република Северна Македонија, но сепак на некој начин и била очекувана оваа одлука со оглед на внатрешните теми кои ги има Унијата.
-Беше разочарувачки и фрустирачки, имав сомненија дека нема да добиеме датум за преговори со оглед на тоа што знаев што застапува Макрон и Франција како и проблемите кои ги има Европската унија внатре. Имаат проблем со демократијата, лажните вести, бегалци, Брегзит. Сето тоа не може да се одрази на политиките на проширување. Сепак во интерес на Европа и спречување на влијание на други сили на Балканот се надевав дека ќе добиеме датум за преговори, вели Фити.
Според универзитетскиот професор, „нон-пејперот“ на Франција не значи одолговлекување на процесот за интеграција на Македонија во ЕУ.
-Една работа станува јасна, условите се заоструваат, дел од принципите постоеле и порано, но позитивно е тоа што постои можност порано да се отвораат тие кохезивни фондови за поддршка на земјите кандидатки за члество во ЕУ. Исто така добро е што за одлуките за проширување се предложува двотретинско мнозинство а не општ консензус, вели Фити.