Финансиската поддршка што домашните компании ја добиваат од државата е многу важна за нивното позицинирање особено на странските пазари. Од компанијата „Раде Кончар“ контрактори и релеи, која е корисник на вакви средства, велат дека конкуренцијата на странските пазари е голема и оти без помош од државата не би можеле да им конкурираат на фирми кои долги години се етаблирани.
– Апсорбирајќи ги средствата кои ги добиваме од Буџетот на државата, планираме во наредните години да ги зголемиме инвестициите кои се важни за одржување на темпото на раст и конкуретноста на нашата фирма надвор од државата бидејќи сме во конкуренција со фирми кои долги години се етаблирани и кои се многу јаки на пазарот. Борбата со нив е сериозна и затоа мораме да ги имаме највисоките стандарди. Тоа се огромни средства и без помош од државата, не би можеле да излегуваме надвор, вели Ана Киријас од „Раде Кончар“.
Според вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која денеска беше во посета на оваа компанија, економските политики што се спроведуваат во изминатите две ипол години даваат резултати. Се вложува, како што рече, и во компаниите и во работниците.
– Од една страна, преку Законот за финансиска поддршка на компаниите и Планот за економски раст само во 2019 година инвестираме повеќе од 50 милиони евра, а од друга страна со сите мерки насочени кон вработените имаме минимална плата која достигна ниво од 14.500 или за две ипол години 60 проценти повеќе. Дополнително со мерката за субвенционирање на придонесите за раст на платите добивме покачување кај 106 илјади работници или во реалниот сектор повеќе од 304 илјади работници добиваат плата над 18.500 денари што укажува дека платите постојано растат во државата, истакна Царовска.
За министерката за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска, резултатите од економските политики се рефлектираат и во растот на извозот.
– Веќе минатата година имаме раст на извоз од 3,7 проценти споредено со минатите години. Како резултат на економските политики изминатите две години поддржани се повеќе од 200 компании. Со економските политики не направивме разлика меѓу домашните и странските компании, туку напротив се фокусиравме на поддршката на домашните фирми, рече Апостолска.