Сите анализи укажуваат дека училишната година треба да почне со физичко присуство. Бројот на новозаразени со Ковид – 19 на дневно ниво стагнира, со што учебната година може да почне на 1 септември, со почитување на протоколите, порача министерот за здравство, Венко Филипче.
-Имајќи ги предвид досегашните искуства со претходните бранови на ковид-19, очекуваме да продолжи трендот на опаѓање на бројките на ново заразени, кој е присутен веќе неколку денови наназад. Денеска имаме под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица, односно засега е 0,9 Исто така, постепено се стабилизира ситуацијата во Тетово, кој беше еден од најсилно погоддените градови во овој бран, рече Филипче.
Според министерот, протоколите за учениците се изработени и има можност децата со хронични болести онлајн да следат настава, со што ќе се заштити ранливата категорија граѓани од зараза со корон вирус. Единствениот начин да им се помогне на децата е да се вакцинираат возрасните, за да се заштитат родителите и постарите лица, укажува Филипче.
Доколку се појави позитивен случај во училиште, епидемиолозите ќе проценат дали паралелката ќе треба да се префрли на онлајн настава или наставата да се изведува комбинирано.
Тестирање на децата, кое е препорачано од СЗО и УНИЦЕФ, засега нема да има. Но, ако има индикација за тоа, ќе се направи рапид тестирање на учениците.