Со оглед дека околните држави веќе започнаа со отворање на границите, министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија, најави можно отворање на границите кон средината на месец јуни.
“Во ниту еден момент ниту една мерка во целиот овој изминат период не беше дизајнирана или препорачана или донесена, а притоа фактор на одлучување да биле изборите. Се евалуираат исклучиво факторите кои ги спомнав. Сметам дека границите треба да се отворат на синхронизиран начин со околните држави. Во моментов гледаме зголемување на бројот на заразени во Србија, Босна и други држави. Направивме процес на соработка и размена на мислења со Грција и ние мора координирано да настапиме. Прво е битно дали ќе се бараат тестови кога граѓаните ќе започнат масовно да патуваат, односно како ќе се поминуваат границите, каков би бил третманот доколку некој заболи и сл. Верувам дека можеме да очекуваме отворање на границите некаде кон средината на јуни” – истакна Филипче.