Министерот за здравство Венко Филипче, во своето вклучување во емисијата “Топ тема” на Телма телевизија, даде мал осврт на моменталниот тренд на епидемијата со коронавирусот во нашата земја, како и објаснување што би значело релаксирањето на сегашните рестриктивни мерки:
“Релаксирањето на рестриктивните мерки треба да се започне со пакет на мерки со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се спречат контактите на заразените луѓе со луѓето околу нив. Во механизмот на ширење на болеста еден од главните фактори е бројот на контакти кои еден заразен човек ги има во текот на денот и колку последователни денови тој заразен човек ги има овие исти контакти со луѓето околу него. Сите мерки кои беа донесени досега беа во насока да се спречи ширењето, да застанеме на патот на вирусот. И сметам дека во тоа успеавме. Оној фактор на пренос на вирусот R0 во еден момент во нашата земја достигна 2,5, а сега пресметките велат дека има сериозно намалување и моментално е под 1,1.
Одвојувањето на постарите од помладите, скратувањето на полицискиот час, дополнителни часови за движење и на постарите и на помладите ќе оди заедно со препораката за носење на маска, односно заштитна покривка на устата и носот. Само така во пакет, мерките ќе дадат резултат. Дури и на отворено, кога нема да биде можно да се одржи дистанца ќе мора да се носи маска или покривка на лицето. Само така и понатаму може да се задржи овој тренд на намалување на бројот на новозаразени лица” – истакна Филипче.