Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Канал 5 ТВ вели дека вратен е авансот за кинеските вакцини поради наша безбедност, додавајќи дека тоа не значи дека вакцините нема да стигнат.
„Тоа го направивме за наша сигурност, но тоа не значи дека вакцините нема да стигнат. Постапката трае подолго од тоа што ние очекувавме, но тоа е случај и со други земји“, потенцираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој ветува дека за скоро ќе пристигнат вакцините и дека преговорите со нив се во завршна фаза.
Во однос на ковид-механизмот, Филипче вели дека во првиот квартал од годината се очекува да пристигнат од 20.000 до 30.000 вакцини од производителот Астра-Зенека. А оваа недела веќе имало и интензивни преговори со производителите на вакцината Спутник V.
За вакцините на Фајзер се чека да биде испратен драфт договор, а Филипче потенцираше дека тој процес е заокружен.
„Ние сме во постојана комуникација, пронтно одговараме но компаниите имаат свои барања и расчистување на многу прашања во однос на пример, одговорност кон вакцините и тоа се случува и со други земји“, изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Канал 5.
Филипче исто така рече дека одлично се одвива и процесот на имунизација, а очекува до следната недела да бидат вакцинирани над 4.000 лица кои директно се вклучени во работата со коронавирусот.