Обвинетиот Ѓоко Поповски не се појави во судот, бидејќи според одбраната имал препорака од лекар дека мора да мирува. Судот го одложи судењето за 21 ноември и ѝ укажа на одбраната дека мора да донесе лекарска документација со отворено боледување, бидејќи до денес Поповски имал само препорака од лекар.
Адвокатката Сања Алексиќ му појасни на судот дека на Поповски му е потребено мирување и дека за утре му е закажана лекарска контрола по што ќе се знае каква е неговата здравствена состојба и дали и до кога ќе му биде отворено боледување.
Алексиќ нагласи дека докторот му соопштил на Поповски дека тој е на чекор до операција.
На ова реагираше обвинителката Фатиме Фетаи која рече дека не верува на збор, туку ѝ е потребна документација и пред судот изјави дека кога обвинет сторил кривично дело, таа односно обвинителството ќе го гони до смрт.
„Од ништо не произлегува дека тој е спречен да присуствува на денешното рочиште. Предлагам судот да определи вешти лица и тие да утврдат дали Поповски навистина не може да се јавува на закажаните рочишта. Истото се случи и во текот на истрагата кога тој не се појави на распит. Тогаш лекарската комисија ме извести дека тој е ограничен во одењето и седењето, дека не е неподвижен и дека не е ограничен во зборувањето. Неговата дијагноза во лекарската документација што денес ја добивме е слична со претходната. Тој е обвинет, против него има постапка и тоа што му е потребно боледување не значи дека не треба да се појавува на судските рочишта. Ако некој стори кривично дело јас ќе го гонам, па дури и да е на смртна постела. Стојам зад тоа и слободно може да се внесе и на записник“, изјави обвинителката Фетаи.
На ова реагираше адвокатот Боро Тасевски кој што рече дека таквото зборување на обвинителката не е во ред.
„Каково е ова зборување судија, ако јас го кажев ова како дел од одбраната, досега ќе бев казнет од вас“, рече адвокатот Тасевски.
Судијката Лидија Петровска го закажа рочиштето за „Триста“ на истиот датум за кога е закажано и судењето за „Труст“.
Случајот „Триста” се однесува на набавка на 300 возила за потребите на МВР, односно за оштетување на државниот буџет за 453.570 евра, а за што е обвинет Ѓоко Поповски, помошник-министер во Министерството за внатрешни работи. Поповски, според СЈО, тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.