Фени е пред рестартирање, тврди вицепремиерот Кочо Анѓушев

Фени од идниот месец ќе почне со производство, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој вели дека Владата будно ја следи целата стечајна постапка, немала ингеренции да се меша во неа, но се грижела за државните претпријатија кои имаат побарувања од Фени. Тој е оптимист за иднината на комбинатот.

Според него постоела опасност фабриката да стане старо железо, па ги пофали доверителите, пред се банките, кои не го дозволиле тоа и биле доблесни , па преку транспарентна стечајна постапка, барале решение за Фени.

„Јас на повидок гледам решение за тој проблем и гледам на повидок иднина на Фени како фабрика, која верувајте некој наназад две години интензивно работел таа да стане старо железо. Ние тоа, заедно со доверителите и сите совесни кои совесно се поставија во оваа ситуација, како Влада ќе го правиме и ќе направиме се што е во наш капацитет да не годозволиме, односно Фени да функционира и да има иднина како металуршки комбинат“, вели Кочо Анѓушев – заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања.

По ова, повеќе од извесно е дека закупец на фени ќе биде швајцарскиот фос асет менаџмент, единствената фирма која испратила понуда за земање на фабриката под наем. Дел од доверителите обвинија дека банките на кои фени им должи 40 милиони евра го фаворизираат швајцарскиот фонд. Од бугарски енекод, компанијата чии понуди банките неколку пати ги отфрлаа, велат дека не се заинтересирани за закуп, туку за купување на фени. Дали ќе испратат понуда на следното рочиште, засега не откриваат.

Во меѓувреме, скопска апелација ја отфрли жалбата на последниот сопственик на Фени, компанијата Кунико ресурсис и го потврди стечајот. Стечајниот управник веќе објави јавен повик до доверителите, да си ги проверат признатите побарувања. Тие имаат рок од осум дена да се жалат доколку мислат дека некое побарување неправедно им е непризнато. Ова значи дека се исполнети сите услови на 9 февруари во велешкиот суд да се одржи стечајно рочиште.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e