Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера одржа марш, како што го нарекоа за неправдите.
Со транспарент “Заев е виновен” (кој го носеа наопаку) Мицкоски и неговите подржувачи маршираа од Јавното обвинителство до Врховниот суд.
Пред судот, обраќање имаше само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Но она што остави најголем впечаток е начинот на кој оваа партија и медиумите блиски до неа го величеа маршот и ја “пумпаа” бројката на луѓе присутни на истиот.
Па така, на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ беше објавено дека присуствувале над 20.000 граѓани.
Со иста бројка од 20.000 луѓе излезе и порталот “Курир”, додека “Инфомакс” објави дека на маршот присуствувале помеѓу 25.000 и 30.000 лица.
Доколку овие бројки би биле барем приближни со оние вистинските, во ВМРО-ДПМНЕ реално би требало да бидат задоволни од масовноста.
Но дали е така?
Ипортал, направи една кратка анализа преку која се добива реалната слика за тоа колку точно лица биле присутни на вчерашниот марш.
Според видеата објавени од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери, потенцираме, од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери, должината на колоната во моментот на обраќање на Христијан Мицкоски е 150 метри.
Ширината пак на целиот булевар изнесува 30 метри, но мора да се потенцира дека присутните на протестниот марш беа во едната лента, што значи максимални 15 метри ширина.
Според она што може да се види од фотографиите и видеата, првите неколку реда се позгуснети а наназад е разретчено. Во тој случај, реално, се зема една средна бројка од 2,5 луѓе на м2.
Вистинската математика, не онаа на Мицкоски, вели дека протестниот марш се одржал на површина од 2250м2 (150×15). Ако на секој м2 имало по 2,5 лица, се добива бројка од 5625 присутни. На нив ке додадеме уште 300/400, ако стоеле на тротоарот или накај другата лента и се доаѓа до бројка од максимум 6.000 луѓе.
Е, сега, зошто е потребно, ВМРО-ДПМНЕ и блиските до неа медиуми да објавуваат лажни, многу поголеми бројки на присуство, на тоа оставаме да суди јавноста.