Откако Европскиот Совет вчера не постигна консензус за отворање преговори со Северна Македонија по категиоричното „не“ на францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот Зоран Заев до доцна синоќа одржуваше консултации на повеќе нивоа за следните чекори, додека претседателот Стево Пендаровски за в недела закажа лидерска средба.
Пендаровски по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел се обрати до граѓаните со порака дека сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени, туку е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија, како што рече, нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров се огласи на Твитер со ставот дека најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде јасна кон нас. – Ако не постои веќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето од Солун во 2003 повеќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат, напиша Димитров на Твитер.
Вицепремиерот задолжен за европски прашање Бујар Османи рече дека ние сме дел од Европа и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформите, изградбата на добрососедските односи и негувањето на соживотот и мултикултурното општество, да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија.
Повеќето европски лидери го осудија потегот на Макрон, велејќи дека прави историска грешка, а од друга страна, пак, повикаа земјава да не се откажува од реформите и интеграциите, и велат дека ќе се навратат на прашањето за проширувањето на Самитот за Западен Балкан во јуни 2020 година.
Макрон, по блокадата за Скопје и Тирана, порача и дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи за првпат јавно во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан дадена во Солун во 2003 година.
Германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шведска и Словенија и многу други европски лидери вчера разговарале телефонски со македонскиот премиер Заев.
Претходно, претседавачот со Европскиот Совет Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер рекоа дека со неодборувањето датум за преговори Франција прави историска грешка и изразија голема разочараност од резултатот од дебатат за проширувањето.
– Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, затоа што вие го завршивте вашиот дел, а ние не. Апсолутно немам сомнеж дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ, рече Туск во Брисел.
Јункер го критикуваше недонесувањето на одлуката како „историска грешка“ и оцени дека „доколку ЕУ сака да биде почитувана низ светот, мора да ги одржува своите ветувања“.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, посочи на Твитер дека одговорноста за поразот околу отпочнувањето преговори е кај Европската Унија. -Одговорноста за поразот не е кај земјите (Албанија и Северна Македонија, н.з.) кои со право се надеваа на позитивна одлука. Тие испорачаа. ЕУ е одговорна што не успеа да исполни ветувања поради внатрешни проблеми. Ова му наштетува на кредибилитетот на ЕУ не само на Западниот Балкан туку и пошироко, напиша Хан.
Предупреди дека да се одбие признанието на докажан напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризикот од дестабилизација со целосен импакт врз ЕУ.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека одлуката да не се отворат преговори не е добра и за општата стабилност на Балканот, бидејќи треба да се задржи отворена европската перспектива на Западен Балкан за да може да постои поголема стабилност и економски просперитет во регионот. – Сметам дека не е добро ни за Грција, бидејќи главното оружје што Грција го има во свои раце за да се справи со прашањата што ги има со двете земји се однесува на европската перспектива, рече Мицотакис.