Пратеникот Љупчо Димовски е еден од шестeмина кои се уште не и се достапни на полицијата, а се осомничени за настаните во Собранието на 27-ми април, неофицијално дознава Алсат М од извори во истрагата.
МВР и Обвинителството и натаму одбиваат да го соопшти идентитетот на останатите осомничени лица по кои се трага. Молк и во Кривичниот суд, од каде не сакаат да соопштат кога ќе се одлучува за мерките за обезбедување на пратениците на кои Собранието во петокот им го симна имунитетот. Уште пред донесувањето на одлуката на Собранието, судија на претходна постапка на шестемина пратеници им наложи да се појават во судот за една недела, во вторник.
Во јавноста веќе постои дилема за тоа дека е можно, освен Димовски и другите пратеници да станат недостапни за истрагата, како што тоа претходно се случи со дел од обвинетите во предметите кои што ги води СЈО.
„Работите во истражната постапка и истражните дејствија не трпат одлагање, бавност и завлекување. Пратениците требаше да бидат повикани и да бидат испитани, а после тоа да се одлучи дали ќе им биде одреден притвор или не“, вели Темелко Ристевски – Универзитетски професор.
До сега во притвор се вкупно 21 лице, еден е во домашен притвор, а по шестмина се трага. За пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски допрва треба да се одлучува. Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.