Пратеникот од редовите на ДУИ Талат Џафери реагира на говорот на претседателот на комисијата за политички системи Владимир Ѓорчев, кој во петокот на седница зборуваше дека вмровската компонента е од 800 000 гласови во Македонија и не се губи, како и тоа дека СДСМ , ДУИ и ДПА коалицираат со Специјалното обвинителство за да се испорача двојазичност.
Ѓорчев рече дека не може да прифати тоа што косовскиот пратеник Албин Курти учествувал во Шарената Револуција во Македонија и дека важно е за стабилноста и иднината на македонската држава ВМРО-ДПМНЕ да има 62 пратеници.
Иако на дневен ред и денеска е Извештајот на Катица Јанева, Џафери процедурално реагира дека Ѓорчев навредува на етничка и религиозна основа.
-Вашите искажани ставови не соодвествуваат со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Навредивте на колективна основа, најпрвин Албанците во Македонија, вклучивте и други држави, вклучивте пратеници од Собранието на Република Косово, заклучувате нешто што не држи. Вашите ставови се во судир со Кривичниот Законик бидејќи вашите лични ставови имаат поттикнувачки елементи со етничка и религиозна основа, нешто што не смеете да го правите. Си зедовте за право на пратеничката Нора Алити да не и дадете право да интервенира за вашите ставови. Ова не се дозволува на ниту еден пратеник, а најмалку на претседателот на Комисијата. Минимумот што треба да го направите е денеска да се извините, рече Џафери.
Во реплика пратеникот од ДПА Имер Алиу обвини дека не само говорот на Ѓорчев, туку целокупната ситуација е многу тешка поради политиките кои ги застапуваат коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Вие претставувате едно мнозинство и треба да се извините за политиката што ја водите кон Албанците секој ден и дискриминацијата што ја правите секој ден. Овие денови ние сфативме дека ова што сте го направиле со македонизација, сега и судскиот систем го партизирате. Слушаме едно обвинителство за една партија, друго обвинителство на друга партија, за жал е до каде е дојден правниот систем. За жал, штета трпат Албанците. Ситуацијата е многу тешка но заради политиките што ги претставувате заедно со ДУИ, за ова треба да се извините, рече Алиу.
Ѓорчев посочи дека нема дилеми за добрососедските односи со Косово, но посочи дека пратеникот Курти не делувал конструктивно и не може да се согласи што истиот пратеник учествувал во „вандализирање на институциите во Македонија“.
-Слободно напаѓајте, рече Ѓорчев.
Пратеникот Петре Шилегов од СДСМ реагираше на политикантските говори и лошото водење на седницата од страна на Ѓорчев.
-Директно сте виновен за лакрдијата што се случува на оваа седница. Јас ви ги разбира мотивите можеби и вашиот личен порив за начинот на кој ја водите Комисијата. Ближат избори, најверојатно се борите за место на листата, затоа што очигледно е дека надвор од политиката тешко за леб и дека ќе заработите. Јас не сум во овие клупи за да ги слушам вашите беседи и говори, особено од местото од каде што се преседава. На тоа место каде што седите може да водите седница, а не политикантски говори. Врвот беше во петокот кога побаравте процедурално сам на себе, рече Шилегов.
За поврзани вести продолжете надолу