Со сертификатот за вакцинација кој ќе го издаваат македонските здравствени власти по две примени дози од вакцината против ковид-19, ќе може да патувате не само во Грција, туку и во сите земји од регионот, Европската Унија и во светот, потврдуваат извори во Министерството за здравство за „Слободен печат“.
„Насоките за изработка на овој сертификат се од Европската здравствена мрежа на Европската комисија, каде предвидоа сет на податоци кои ги содржи кодот, односно тој сертификат – име и презиме, датум на вакцинација и ревакцинација, тип на вакцина и дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ за непречено патување на нашите граѓани. Сепак ЕУ уште нема конечна одлука за тоа како ќе се патува и истата е најавена за јуни, но од Унијата издадоа препораки, по кои ние се придржувавме.Министерството за здравство одблиску ги следи одлуките на сите земји и ќе обезеди важечки сертификати за патување на нашите граѓани”, велат од Министерството.
Вакциналниот сертификат ќе им биде издаван на сите граѓани што целосно се вакцинирани, односно на оние кои се имунизирале со две дози вакцина против ковид-19. Сите граѓани што досега се вакцинирале со две дози од која било вакцина изминатиот период, исто така ќе добијат вакцинален сертификат ретроактивно. Ако граѓаните не се вакцинирани, а сакаат да влезат во Грција или во другите земји во ЕУ, ќе мора да направат ПЦР-тест во една од дваесетте референтни лаборатории за кои посебна комисија од Министерството за здравство утврдила дека работат според соодветни стандарди.
Овие лаборатории се Институтот за јавно здравје, Вирусологија, центрите за јавно здравје во Скопје и во Битола, Инфективната клиника, Одделението за патологија и судска медицина, Институт за респираторни заболувања кај деца Козле, Пулмологија, ГОБ „8 Септември“, Микробиологија, МАНУ, Гинекологија, „Жан Митрев“, болницата „Плодност“ во Битола и лабораториите Авицена, Биотек, Систина, Лаор, Синлаб, Ремедика и Генеа.
Вакциналниот сертификат ќе содржи единствен бар код кој ќе биде препознаван на граничните премини било да се работи за патување во копнен или по воздушен пат. Моментално граѓаните кои патуваат во земјите од Европската Унија мора да приложат негативен ПЦР тест, направен во една од дваесетте референтни лаборатории кои што се внесени и во царинскиот систем на земјава, како и во системите на земјите на ЕУ.
Покрај доказ за вакцинација или негативен тест за ПЦР, секој што патува во Грција мора да има и пополнет формулар ПЛФ.
Целиот текст на „Слободен печат“.