Александар Кирацовски и Илија Димовски, најзвучни имиња меѓу дванаесте пратеници кои лани зеле пари за патни трошоци, а на државна сметка користеле и кирија за станови кои ги користеле во замена за тоа да не патуваат до родниот град Двојни трошоци на сметка на државата прават 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 4 на СДСМ и еден на ДУИ За 2018-та, во просек, на секој пратеник му биле исплатени околу 6 илјади евра за патни трошоци Додека народните избраници ја имаат привилегијата да наплатуваат трошоци и за кирија и за патни трошоци, граѓаните се возат во амбулантни возила стари во просек по 11 години, пишува СКУП.
Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ
Иако припаѓаат на спротивставени политички табори, пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски и тој на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, ги спојува една привилегија која им се дава на нив како народни избраници: двајцата користат и државен стан, и наплатуваат за патни трошоци.
Кирацовски до неодамна ја извршуваше и функцијата генерален секретар на СДСМ, но беше разрешен откако се најде на тапет во јавноста поради вработувањата на негови блиски роднини, за што постапки отвори Антикорупциската комисија. На Кирацовски државата во изминатава година му плаќала кирија од 390 евра, а тој во последните четири месеци од 2018 година додека престојувал во стан во Скопје, на име на патни трошоци добил нешто повеќе од 1000 евра.
На неговиот политички опонент, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, државата му плаќа нешто помалку за кирија, односно 370 евра, но и тој зел сума од дваесетина илјади денари на име на патни трошоци.
ПРАТЕНИЦИ КОИ КОРИСТАТ ДВОЈНИ ПРИВИЛЕГИИ
Освен Кирацовски и Димовски, двојни привилегии минатата година користеле уште 10 други пратеници во републичкото Собрание. Сите дванаесет, покрај тоа што земале пари за патни трошоци, на државна сметка користеле и кирија за станови кои ги користеле во замена за тоа да не патуваат до родниот град. Вкупно седум се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ и еден од ДУИ.
Меѓу кои пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ на листата со двојни трошоци се пратеничките од Битола – Лилјана Затуроска и Лилјана Кузмановска, прилепчанката Ане Лашкоска, штипјанката Благица Ласовска, кочанчанката Магдалена Манаскова и радовишанката Нада Ципушева.
На нив друштво им прават колешките од СДСМ – струмичанката Катерина Кузмановска, прилепчанката Кети Смилеска и кавадарчанката Мери Лазарова.
На државни јасли е и најстариот пратеник, Бранко Маноиловски од ДУИ, роден во село Кичиница.
Собранието лани донесе одлука според која пратениците можат да користат сопствен автомобил за службени цели за што ке им се плати помалку од порано, или пак да изнајмат стан во висина од најмногу 400 евра, со тоа што ќе можат да патуваат само за време на викенди и празници. Според податоците кои СКУП ги доби користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ваквото право на кирија во моментов го користат вкупно 14 пратеници.
Целиот текст на СКУП на следниот ЛИНК.