Проф. Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, во “Отворено студио” на 24 телевизија ја коментираше денешната одлука на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, да прогласи нова вонредна состојба во времетраење од 30 дена, во услови кога Собранието е распуштено.
“Македонија сега е засегната на три полиња: здравство, економија и безбедност. Вонредната состојба е на сила заради заштита на здравјето, како поддршка на здравствениот систем во државата, само заради тоа. Сите овластувања коишто ги имаше Собранието пред да се распушти, односно пред прогласувањето на вонредната состојба, сега ги има Владата. Уставот вели дека Владата носи уредби со сила на закон од делокругот на работата на Собранието. Значи, Владата може да уредува сè што е во надлежност на Собранието. Гледаме дека во изминативе 30 дена Владата регулира прашања кои во најголем дел се поврзани со соодветен одговор на пандемијата, односно на здравствената криза. Меѓутоа, се донесоа и други уредби со законска сила кои имаат за цел да ја подобрат комуникацијата помеѓу безбедносните органи, да го заштитат економскиот систем, да поддржат социјални политики бидејќи голем број на луѓе се засегнати од кризава” – објасни проф. Дујоски.
Во однос на тоа што ќе се случеше доколку Претседателот денес не прогласеше нови 30 дена вонредна состојба, проф. Дујоски со одговор:
“Владата му предложи на Претседателот да определи нова вонредна состојба бидејќи нашиот Устав не ги регулирал овие прашања. Ако денес завршеше вонредната состојба тоа ќе значеше дека Владата нема никаква можност да продолжи да управува со државата во насока на поддршка на здравствениот систем. За мене е многу важно тоа што во овој момент го прават и Претседателот и Владата. На ваков начин се влева една сигурност кон граѓаните дека тој систем продолжува да функционира. Уставот го предвидува токму ова. Јас сум уверен дека е многу поважно институциите да функционираат да можат да ги користат механизмите коишто им стојат согласно Уставот и законите, отколку сега да се прашуваме дали денеска требаше да продолжи вонредната состојба” – истакна проф. Дујоски.
Во однос на денешната изјава на претседателот Пендаровски дека нашата држава е земја која со 80-часовниот карантин станува една од земјите со најригидни мерки како одговор на корона-кризата, Дујоски со следниот став:
“Можеме да видиме шареноликост во соседството. Албанија е речиси целосно затворена држава. Србија има малку полиберален полициски час од нас кој започнува од 17 часот, но таму пензионерите не излегле скоро еден месец. За мене најважно е што мерките кај нас се преземаат по предлог на здравствените власти, односно на Комисијата за заразни болести. Така требаат да одлучуваат политичарите. Во нашава ситуација целосната можност да даваат предлози е оставена на здравствените власти, за разлика од земјите во регионот каде еден или двајца луѓе одлучуваат за сè, додека кај нас Комисијата за заразни болести предлага мерки. Можеби за некого полициски час е многу големо ограничување, но мора да сфатиме дека тоа е нужно зло” – заклучи проф. Дујоски.