Од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) оти градоначалничката Данела Арсовска не ги користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување Бас рапид транзит систем (БРТ) односно не го гради автобуското метро во Скопје.
Парите стојат нечепнати односно не се користат и поради тоа државата плаќа камата, бидејќи Арсовска од доаѓањето на функција лани во ноември кажа дека нема да го прави автобуското метро. Рече дека тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов, а граѓаните ја избрале нејзе и нејзиниот проект за 250 еколошки автобуси. Парите не можат ниту да се пренаменат и да се користат за друг проект, оти во договорот со ЕБОР стои дека тие се одобрени токму затоа што БРТ е високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и побрз транспорт во градот.
Од Министерството за финансии неколку пати побарале одговори од Арсовска што планира да прави со овој проект, но таа ги ингорира и не им одговара на прашањата и повиците.
„Имплементацијата на проектот за воведување БРТ транспорт е во надлежност на Град Скопје, од каде Министерството за финансии, иако има испратено во неколку наврати писмено барање, нема добиено повратна информација за статусот и плановите за реализација на проектот. Условите за користење на средствата се утврдени со Договорот за заем. Бидејќи реализацијата на проектот не е почната, согласно договорот, средствата не се повлечени и стојат на сметка на ЕБОР. Согласно условите на неповлечените средства се плаќа камата од 0,5 % на годишно ниво“, велат од Министерството за финансии.
Кредитот во висина од 70 милиони евра беше одобрен од ЕБОР лани во април и е наменски за воведување на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Кисела Вода до Бутел. Кредитот го зема државата, а беше потпишан од министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, ексградоначалникот Петре Шилегов и претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси. Во октомври на сајтот на ЕБОР беше објавен меѓународниот тендер за воведување на БРТ во Скопје, за кој Арсовска по доаѓањето на функцијата ја прекина постапката.
Целиот текст на СКД
