Новиот тендер за субвенционирање евтини летови ќе биде со олеснети услови, соопштија од Владата. Од Министерството за транспорт и врски очекуваат тендерот да биде објавен уште во текот на следната недела.
Ова ќе биде трет јавен повик, откако претходните два пропаднаа поради неисполнување на условите од тендерската постапка. Разликата е што во овој тендер се продолжува времето за воспоставување по две нови дестинации за летање од Скопје и Охрид. Овој пат рокот е до 26 март идната година. Во претходните два тендери крајниот рок беше 10 јануари.
“Очекуваме дека овој трет повик ќе биде успешен во интерес на граѓаните и тие ќе продолжат целосно да ги користат бенефитите од нискобуџетските авиокомпании кои што ќе работат во Македонија”, информира Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на РМ.
На двата тендери до сега, единствена компанија што аплицираше беше нискобуџетската Виз Ер. Нивната документација првиот пат беше некомплетна, а на вториот тендер не го испочитуваа токму крајниот рок, што сега е променет, за воведување нови авиолинии.
