Од што зависи личната среќа? Има ли параметри по кои може да се измери и важат ли истите параметри за сите луѓе на светот без разлика каде живеат? Каде се Македонците според светските испитувања на јавното мислење, што ги прави нив среќни и дали тоа чувство им зависи од парите и економската сигурност?
Што ве прави среќни? Навидум едноставното прашање ги подзамислува луѓето. Откако веднаш и без исклучок ќе одговорат со здравјето и семејството, потоа им текнува и на други работи што им недостигаат за да бидат среќни.
„Не е само семејството. И околината и комшилукот и маалото и градот и државата и сè. Сè е поврзано“, вели Васил Јотевски.
„Самата ситуација, самата беспарица те прави нормално несреќен. Од аспект на тоа што го очекувам од државата посигурна работа секако дека би ми создала некаква поголема среќа“, вели Даниела Ивановска.
„Среќен бев кога работевме во бивша Југославија, секој си имаше работа, си имаше среќа, се градеше, се правеше, по 1000 марки во џеб имавме. Сега никој ништо нема. Со фирмата во која работев 28 години сме во стечај“, вели Драган Богдановски.
Овие граѓани зборуваат за личната перцепција на среќата. Попрецизно, пак, за тоа каде е Македонија може да се види од извештајот за среќата на граѓаните во 156 земји што месецов го објавија Обединетите нации. Земјава се наоѓа на 89 место, а споредено со другите од регионов посреќни се граѓаните на Словенија, Косово, Србија, Грција, Црна Гора , Хрватска, а зад нас се Босна и Херцеговина, Бугарија и Албанија.
Граѓаните што ги прашавме зборуваа и за беспарицата, нешто што придонесува за намалување на нивната лична среќа. Но, некои од земјите од Балканов што се зад нас, како на пример Бугарија се во подобра економска ситуација, имаат помала невработеност, а вработените пак имаат повисоки просечни плати.
Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска на прашањето што е среќата, пак, вели дека веднаш на памет и дошла пирамидата на потребите на познатиот американски психолог Абрахам Маслов во која спаѓаат задоволување на основните потреби, потребата за сигурност, за припадност и љубов, за самопотврда и за самоактуализација. Дел од овие работи наведени во пирамидата македонските граѓани не може да ги остварат поради економската состојба додава таа.
Нејзиниот впечаток е дека избегнувањето да се зборува за материјалните добра, како што вели, е малку изнасилено. Луѓето што во денешно време живеат во градовите не произведуваат речиси ништо и се мора да купат, а за тоа се потребни пари, Јовановска – Стојановска.
„Голем дел од денот и од животот го трошиме на заработување на тие пари, значи не можат да се прескокнат парите оти се битен фактор во нашите животии во градењето на нашата среќа и во задоволството од живеењето. Значи не можеме да кажеме парите не се битни за среќата, оти за некој вид на среќа, за некоја благосостојба наша, за доброто здравје кое секаде во светот и кај нас чини пари“, вели Јовановска – Стојановска.
Во годинешниот извештај на светската организација има и некои позитивни промени за Македонија. Во ранг листата на земји според индексот на среќата мерен во периодот од 2008 до 2010 година и од 2015 до 2017 година, на кој се наоѓаат 141 земја за кои постојат податоци Македонија се наоѓа меѓу првите во кои во тој период има пораст на таквото чувство кај граѓаните.
На таа листа се Того, потоа Летонија, Бугарија, Сиреа Леоне, Србија и Македонија. Кај нас, како што се наведува индексот на среќата во тој период се зголемил за 0,880 поени. Најголеми губитници на среќата пак се Венецуела, Малави, Сирија, Јемен, Украина, Туркменистан, Боцвана, Мадагаскар, Албанија и Руанда.