Договорите со соседите во сенка на ветото на Франција и изборите

Одлуката на европските лидери да не отворат преговори за пристапување со Северна Македонија и со Албанија, како и најавата за предвремени парламентарни избори во земјава, отвори дилеми за можното влијание што тоа ќе го има врз спроведувањето на договорите со Грција и со Бугарија. Властите во Скопје тврдат дека имплементацијата на договорите ќе продолжи, опозицијата дека кога ќе дојде нејзиното време ќе се обиде да ги поправи, Брисел очекува да се почитуваат, а Атина и Софија засега се воздржани.

Политичките аналитичари за МИА оценуваат дека спроведувањето на договорите ќе биде во сенка на одлуката за недоделување датум за преговори и на изборите, но со различни гледања по исходот и отстапките што Северна Македонија е подготвена да ги направи.

Според амбасадорот и шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, Ѓорѓи Филипов ниту еден од договорите нема да биде поништен, особено Преспанскиот договор, бидејќи и грчкото и македонското законодавство од областа се наполно усогласени со европските директиви, па според тоа предвремените избори нема да имаат големо влијание на конечната спогодба меѓу Скопје и Атина.

За извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски одбивањето за добивање на датумз а преговори, како и предвремените избори ќе го забават спроведувањето на договорите со Бугарија и Грција.

Премиерот Зоран Заев деновиве изрази увереност дека договорите со Грција и со Бугарија ќе бидат целосно имплементирани.

– Договорите се билатерални и се важни за нашата земја и за Грција и за Бугарија. Мониторингот со забелешките на имплементацијата треба да стигне до крајот на месецот. Верувам дека 100-процентно ќе ги имплементираме догорите, бидејќи тоа е на ниво на закон, рече Заев.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во врска со договорите со Грција и со Бугарија,  очекува тие да бидат почитувани и од опозицијата, бидејќи, вели, станува збор за меѓународни договори, кои мора да се почитуваат, а изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски дадена за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека неговата партија размислува да го врати уставното име ако дојде на власт, оценувајќи дека проширувањето е клинички мртво, ја коментира во изборен контекст, бидејќи нема потврда дека тоа е и официјален став на таа партија.

– Мислам дека треба работите да се остават на својата вистинска насока и да не драматизираме за таков напис. Во однос на гаранциите што беа дадени од страна на опозицијата, како впрочем и на поранешната грчка опозиција е според лат. збор Pacta sunt servanda („договорите треба да се почитуваат“). Јас сум сигурен дека еден поранешен министер за надворешни работи не може да излезе надвор од оваа линија, освен само кога станува збор за изборен контекст во рамки на кампања, вели Тимоние, коментирајќи ја изјавата на Милошоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e