Во вечерашното издание на емисијата “Топ тема” на Телма телевизија гостин беше Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, кој даде оценка во колкава мера корона-кризата се одрази врз ресорот земјоделство.
“На почетокот кога сето ова се случи, се започна со затворање на сите држави во Европа и најголемиот проблем се појави околу транспортот. За кратко време тоа се стабилизираше, во делот каде што се овозможи возачите да патуваат, секако почитувајќи го протоколот донесен од Владата. Но, нас најмногу нè погоди оној дел со извозните производи. Кога зборуваме за земјоделството, кај нас прво на удар беше токму јагнето, односно традиционално извозот е поврзан со Велигденските празници и тука имаме голема разлика, направивме анализа за месец април 2019 година и месец април 2020 година, минатата година се извезени околу 1,7 милиони килограми јагнешко месо, додека оваа година се извезени 1,1 милиони килограми, а тоа во пари е 1,5 милиони помалку извоз.
Од друга страна пак кај конзервната индустрија и тутунот нема некои големи разлики. Во тој дел кога настана паниката, прво се воведоа забрани за извоз на пченица и на брашно, а потоа се укинаа забраните од страна на Србија, па и ние реагиравме. Снабдувањето на домашниот пазар се одвиваше нормално за вакви услови, но и извозот со одредени намалувања. Имаме и помала побарувачка, односно пад на извозот кај виното, еве и градинарството допрва доаѓа и со тоа мора да се справуваме” – објасни Димковски.
Запрашан дали постои можност земјодлеците да ја користат финансиската поддршка од 14 500 денари, Димковски со одговор:
“Земјоделците кои се регистрирани според Закон за трговски друштва може да ја користат оваа мерка, односно сите оние индивидуални земјоделци, физички лица кои во насловот имаат ТП, односно трговец поединец. Ова е најпросто објаснување, бидејќи земјоделците може да бидат регистрирани и по основа на некои други закони” – истакна Димковски.