Гледаме политичка некултура која изградила поединци кои се многу гласни и кои покажаа неприфатливо ниво на нетрпеливост и дискриминација кон децата без родителска грижа кои беа сместени во дом во Визбегово, изјави активистот од Цивил Џабир Дерала на вечершната дебата во емисијата Топ-тема.
-Нема никакво оправдание за луѓето кои протестираа во Визбегово. Препознаени се лица кои работат во државни институции на сериозни позиции значи, тоа се информирани луѓе. Вакво однесување кон млади деца е крајно разочарувачки, вели Дерала.
Тој смета дека ова е последица на процесот на деинституционализација кој требало да дојде многу порано во Македонија.
-Процесот на деинституционализација никогаш не бил едноставен, кај нас дури сега доаѓа. Ние пред 20 години зборевме за ова и дури сега една министерка се одважува да го направи тоа, вели Дерала.