Во организација на Центарот за едукација и развој од Тераце денеска во овој општински центар во тетовскиот регион по седми пат се одржа манифестацијата Ден на гравот.
Според организаторите, денешната манифестација има најголем одѕив и затоа и се подготвува најголема количина грав досега односно на присутните им се послужија над четиристотини чинии. Меѓу целите е и запознавањето на младите со карактеристиките на гравот од тетовскиот регион и негова поголема промоција.
– Знаеме дека грав има секаде, не е само во Теарце. Меѓутоа полошкиот, теаречкиот грав сигурен сум дека е најубав и најсладок. Затоа ние ова го правиме за да ги промовираме тие вредности и тоа што го имаме за и економски да имаме добивка од сето тоа, изјави Лазар Ѓорѓески од Центарот за едукација и развој во Теарце.
Како и досега, за подготовката на овој деликатес беше задолжен Мирко Ѓорѓески од Теарце кој строго се придржува до стариот добар рецепт според кој 40-те килограми грав заедно да се сварат со по 10 килограми пиперки и кромид, два килограма домати и еден килограм лук, но додека се вари гравот со зеленчукот да не се меша. Дури на крајот се додава запршката од кромид и брашно и се зачинува со магдонос, бибер и ловоров лист.
– Тетовскиот грав е прочуен и надвор од Македонија затоа што за час и половина е готов, а другите гравови немаат такво својство. Кога се прави во казани вака, гравот е двапати повкусен бидејќи се подготвува во голема количина, рече готвачот Ѓорѓески.
– Пласман има, меѓутоа се јавуваат дилери од Авганистан, Пакистан, Курдистан и тетовскиот грав опадна. Прво опадна производството, за жал, старите земјоделците што се занимаваа ни умреа, ние младите сакаме повеќе машински, повеќе сакаме да шетаме и полето ни остана необработено како што треба, и затоа и приносите се намалени, рече Среќко Алексоски, земјоделец производител на грав од Доброште.
Во рамки на Денот на гравот седум училишта од регионот се претставија со свои штандови пред присутните, а за забава се погрижија и три културно-уметнички друштва од Тетовско.
За поврзани вести продолжете надолу