Првите вратени 433 илјади евра кои го свртеа т.н бројчаник ги уплатила контроверзната хрватска фирма Конструктор инженеринг, која со месеци е во стечајна постапка. Од свој џеб парите не ги дал поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ и вработените осомничени за несовесно работење во службата на општината. Тодоровиќ во кус телефонски разговор не сакаше да го коментира случајот, но беше јасен дека не вратил пари.
„Не сакам да коментирам сега ништо. Не сум во државата. Не сум ги вратил јас парите. Распрашајте се во општина Центар кој ги вратил парите“, вели Владимир Тодоровиќ
Од општина Центар потврдија дека трансакцијата била направена пред околу една недела и дека уплатата ја извршила хрватската фирма, која го склучи првичниот договор за градба на мостот „ОКО“.
Од финансиската полиција соопштија дека дека кривичните се пратени во обвинителството
„Приближно 433.000, пријавените лица се согласија да ја надоместат сумата во целост за што добивме потврда и од општина Центар дека на 30.06.2018 година паричните средства се вратени“, вели Арафат Муареми – директор на финансиска полиција
Некогашниот хрватски градежен гигант од 3.500 вработени според податоците на интернет е инволвирана во изградба на повеќе објекти кои завршиле со кривични пријави. Во април, финансиската полиција поднесе пријава против екс министерот за здравство Никола Тодоров, за несовесно работење, оти при градежни активности во болниците во Куманово, Кочани и Крива Паланка дозволиле ненавремено и неквалитетно изведување на работите, а не ја наплатиле банкарската гаранција од 62 илјади евра.
За случај од 2010 пак пријава неодамна заработи Паско Кузман поранешен директор во Управата за заштита на културно наследство, но и овластено лице на Конструктор инженеринг – повторно за слична работа – исплатени над 320 илјади евра за нецелосно завршена работа.
Во сите случаи каде изведувач се јавува Конструктор има сличности. И во случајот со мостот „ОКО“ не била активирана банкарската гаранција.
„Иако рокот за извршување на работите бил поминат прво пријавениот Б.Т и третопријавениот Д.Р со пропуштање на должен надзор несовесно постапиле со тоа што, согласно нивните работни позиции требало да преземат односно не преземале активности за да го заштитат буџетот на општина Центар на начин што не побарале продолжување на рокот на важноста на банкарските гаранции за враќање на аванс и продолжување на рокот за важност на банкарската гаранција доставена за навремено и квалитетно извршување на работите кои требало да се активираат и наплатат во корист на општина Центар“, вели Сузана Петровска – началник во управата за финансиска полиција
Мостот „ОКО“ е најскапиот од неколкуте мостови изградени во проектот Скопје 2014. Чинеше повеќе од 2 ипол милиони евра. Тој ги поврзува кејот и страната на ГТЦ со новата зграда на обвинителството, а на него има триесетина скулптури од разни кралеви, епископи, војсководци свештеници.