Бошкоски сведочеше – алфите му се смешкаа, а Мијалков намуртено го гледаше

Поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Бошкоски сведочеше во Кривичниот суд во случајот „Тортура” кој го води СЈО. Додека одговараше на прашањата на СЈО, екс директорот на УБК Сашо Мијалков го гледаше и слушаше намуртено, Алфите, пак, во делот кога се обидуваше Бошкоски да ги препознае се смешкаа. Го препозна шефот на Алфите, Ивица Анчевски – Пуки и Новица Станковски.

Бошкоски во судница кажа дека двапати бил апсен, првиотпат брутално, вториот, пристојно, но за да го снимаат телевизиските камери.

„Најпрво да кажам дека мене ми е многу жал што се случи ваков настан во поновата македонска историја. Настан кој сакам да го избришам од мојата меморија, но настан кој еве и денес на ова судење ми се враќа како еден лош филм лоша епизода од мојот живот. Јас како човек простувам, жал ми е што некои луѓе еден или двајца седат на обвинителна клупа, но заради вистината заради правото, почнувањето на правната ќе кажам што се случи. На 6.6. 2011 година, ден после парламентарните избори бев повикан од еден мој пријател по предметот кампања повикан како заштитен сведок, да се видиме во Воденица и да решиме некои доверителски односи коишто сме ги имале од порано. Се заврши разговорот, со тоа лице кое го сметав за голем пријател, излегов од ресторанот “Воденица”, со мене имав една кесичка со пари и никогаш не ги броев, не ги гледав, иако беа пред мене изложени. Само што излегов и тргнав кон автомобилот некој извика, полиција стој! Јас со забрзан чекор тргнав кон автомобилот и кога почнаа да викаат апси го, јас тогаш ја фрлив кесичката со пари, а во еден шок бев закочен во место. Тогаш истрчаа полицајци, некои со фантомки некои без, со голи раце тргнаа по мене и ме донесоа до автомобилот ми ги раширеа рацете, некои од полицајците почна да ме растредува. Се собра голема група на полицајци. Некој од нив извика: “легнете го на земја ѓубрето пичка ли му мајчина. Легнете ги и двајцата, ѓубриња предавнички”, раскажа Бошкоски во судницата.

Бошкоски рече дека додека го апселе му забранувале да го изговара името Саша, туку да го именува, шефот. Алфите, пак, вели, постојано му кажувале: „Имаш поздрав од шефот”. Пред познатиот ресторан во Скопје во 2011 година му впериле пиштол, по што кажа дека му останала модринка од десната страна на лицето и во деновите кога бил во скопскиот истражен затвор во Шутка.

„Оттука ме однесоа во Автокоманда, во колата пак ми кажаа што ме чека дека ме поздравувал шефот и дека не ми бегаат 8 години затвор. Потоа завршив во ПС Автокоманда и после некое време, сега не можам да се сетам, повторно ме вратија на местото каде што е апсеа, но кога ме враќаа никој ништо не ми кажа, беа некои други полицајци, беа коректни, не ме вреѓаа. Навредливо беше само тоа што второто разбрав, второто мое снимање не било снимано од тв камерите требало да се сними за да се забележи целиот настан. Не се примети сила, вториот пат беше коректно. Оттука заминав пред истражниот судија, па потоа во затворот шутка каде што ги поминував еден од најголемите терори. И еве на ваквите денови пак се сеќавам иако се обидувам да го избришам овој настан од мојата меморија”, рече Бошкоски. Тој меѓу другото рече дека по бруталното апсење имал нарушувања по здравјето. Во случајот „Тортура” покрај екс директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на Алфите Ивица Анчевски – Пуки и Новица Станковски, обвинети се уште четворица Алфи за според СЈО, бруталното апсење во 2011 на Бошкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e