Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош, за порталот 24 инфо вели дека изборната програма е негов основен водич во работата. За себе вели дека младоста и енергијата ги користи за да биде постојано достапен и присутен за граѓаните. Иако Карпош е една од најзадолжените општини во државава на граѓаните им ветува чист воздух. Редовно има приемни денови, организира попладневни маалски средби, а респонзивноста и на сите социјални мрежи е на многу високо ниво. Но сепак има време и за приватен живот за дружба со другари, пријатели…
На прашањето каква е соработката со централната власт тој вели дека со Владата и со ресорните министерства имаат добра, конструктивна соработка и се надополнуваат во различни области.
-Значајна е поддршката која ја добиваме преку Планот за намалување на аерозагадувањето, како и во делот на детската и социјална заштита, но и во други сфери. Сметам дека локалната самоуправа, не само Карпош туку и сите други општини, заслужуваат уште поголема поддршка и градење на систем за силни општини. Карпош е меѓу најзадолжените општини во нашата држава, а локалната власт се смета како „најистурен“ играч на терен. Буквално сите ја лоцираат одговорноста кај општините, за најразлични проблеми, прашања, а не секогаш имаме ресурси и можности да одговориме соодветно. Затоа сметам дека главен предизвик за претстојниот период е да ги зајакнеме капацитетите на општините, вистинска децентрализација на обврски, но и на средства и ресурси за да се испорачаат квалитетни услуги и проекти. – вели Богоев.