Скриените плати се уште се еден од најголемите проблеми, близу половина, 44 отсто од платите на вработените во земјава целосно или делумно не се пријавуваат, а 9 отсто од нив се без писмен договор за работа, покажал мониторингот на скриената економија.
Вработените повеќе одбираат повисока плата наместо да бидат пријавени на целиот износ. Такви случаи биле забележани и во фирми кои одлично котираат во бизнис заедницата.
Иако сме подобри од Косово и Албанија, со индекс на скриена економија од 3,4, земјава нема подобрување во однос на 2014, причини се политичката и економската криза.
Директорката на УЈП, Лукаревска, најавува засилени контроли и санкции за сите што ќе бидат фатени дека не издаваат фискални сметки, има се повеќе јавувања на телефонскиот број 198. Во следниот период особено ќе се чешлаат забавните настани, прв на агендата е Струмичкиот карневал.
„На сите големи забавни настани кои ќе се случуваат во наредниот период ќе контролираме, бидејќи сметаме дека токму во тој период има најмногу неиздавање на фискални сметки, односно дека постојат паралелни менија, едни за граѓаните, други за странските гости, и во делот на хотелското сместување“, вели Лукаревска.
Инспекции имало и претходната недела, неправилности се откриени кај 10 отсто од контролираните.
Извор: Телма