Бизнисменот Сеад Кочан брои ситно до затворската казна

Образложението на пресудата за случајот на СЈО „Труст“ е при крај, велат од Апелациониот суд за 1ТВ. Судски извори брифираат дека наредната недела ќе финишираат и последните детали, па правосилната пресуда ќе биде испратена до кривичниот суд, осудените и до нивните адвокати.

Бизнисменот Сеад Кочан според пресудата добива затворска казна од четири години и осум месеци. Нема да оди веднаш зад решетки. Прво во скопска „единица“ треба да се оформи предмет и да биде доделен на судија за извршување на санкции, кој ќе му испрати упатен акт, каде ќе го пишува датумот кога бизнисменот Кочан ќе треба да се јави во затвор.

Според законот за извршување на санкциите, осудените имаат можност да бараат одложување на затворската казна. За што Кочан ќе треба до кривичен да испрати молба, но ако ги исполнува следниве услови:

Се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности.
Се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице.
Одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила.
Осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета.
Одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало.
Заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството.
Oсудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и
Е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште
Вакво одлагање на затворската казна јавноста памети дека побара поранешниот премиер Никола Груевски, а откако требаше да се јави во затвор, тој избега од државата и доби политички азил во Унгарија.

Инаку, апелациониот суд пред два и пол месеци делумно ги уважи жалбите за случајот „Труст“. Првично кривичен Кочан го осуди на шест години затвор, а Василие Авировиќ на три години. Апелација ги намали казните, за Кочан на четири години и осум месеци, а Авировиќ ќе оди две години во затвор ако во наредните пет години ќе стори ново кривично дело.

Паралелно, вработените кои беа под капата на Кочан сè уште ги немаат добиено заработените плати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e