Во попладневното издание на “Отворено студио” на 24 ТВ, економскиот советник на техничката влада на Република Северна Македонија Фатмир Битиќи одговори на критиките на поранешниот министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, а кои се однесуваат на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека вториот сет економски мерки за справување со последиците од кризата предизвикана од коронавирусот, се задоцнети, недоволно квалитетни и лошо таргетирани:
“Не можете вие да критикувате мерки во државата која вие ја оставивте со 5 милијарди евра долг и со зголемен јавен долг од 2,8 милијарди евра кои некаде исчезнаа во Белата палата, во илјадници споменици, во врбите на Вардар, а дел отидоа во Будимпешта. Кога ќе завршат судските процеси од “Сваровски судството” веројатно ќе бидат обезбедени уште средства, а ако ВМРО толку многу ја сакаше оваа држава и ги сакаше граѓаните немаше по илјадници амандмани да носи за законите со кои требаше да се одглават реформите во судството и обвинителството.” – возврати Битиќи.
Битиќи воедно поентираше дека со мерката за субвенционирање на минимална плата во износ од 14 500 денари се опфатени 75 000 вработени:
“Не може претставник на една партија која кажуваше низ цел свет дека имаме евтина работна сила од 8 000 денари и повикуваше: “Дојдете кај нас зошто овде сме поевтини дури и од Африка!” да укажува денес дека помош од 14 500 денари не е доволна. А, јас ќе ви кажам апропо предлогот на ВМРО кој беше даден во однос на тоа дека сме требале да ги поддржиме 50% просечните плати во приватниот сектор, дека 14 500 денари за 75 000 вработени во државата е 100% поддршка на нето платата или 70% на бруто платата.” – истакна Битиќи.