Битиќи: Никој не може да ни го земе она што е наше, ниту она што сме ние !

Уметноста и љубовта во прагматичноста
Ве разбирам сите – и загрижените и загрозените, исплашните и недоверливите, оние кои сакаат напред и оние кои имаат задршка и можеби се колебливи за следниот чекор. Сите ве разбирам, затоа што сите сте мои сограѓани, со сите вас ја делам државата, сегашноста и заедно гледаме кон иднината.
Ви пишувам како граѓанин, бидејќи како државник мојот глас ќе го дадам при гласањето на заклучоците за францускиот предлог на Владина седница, откако истите ќе бидат донесени од народните избраници во Собранието. Очекувам од пратениците да бидат јасни, темелни како и отворени за дискусија, имајќи ја предвид нашата иднината и можностите во неа – бидејќи тоа се очекува и од нив.
Моето животно искуство до сега ме научило дека до целта која ја гледам пред мене, не секогаш се стигнува по патот кој јас сум го претпоставил… скоро секогаш излегуваат непланирани препреки или попрецизно – предизвици, кои да, во моментот може да те лутат, да мислиш дека не се фер или праведни, што мене, како емотивен прагматичар, ме ставале во позиција да бирам: дали ќе се лутам и откажам, или ќе се обидам да работам со алатките и можностите кои во моментот ми се дадени – сé до постигнување на целта? Верувајте ми, сум ги искусил и двете, а второто секогаш било со поголема додадена вредност на крајот, но поважно, со вториот избор давам/е шанса да сме во игра. Шанса да зборуваме за можностите, шанса за избор, шанса да сме вклучени. Шанса за нашата иднина.
Ме загрижуваат тензиите, меѓуетнички и меѓуграѓански, кои повторно се користат како масло, бидејки опозицијата добро го знае овој стар рецепт за создавање шум кој ја поматува свеста и разумот. А, токму разум и прагматичност со голема емпатија и љубов кон татковината е она што е потребно, за да можеме да ги видиме можните исходи од нашето однесување и одлуки. За жал, тоа е она од што тие најмногу се плашат.
Гласно изговораат – национални интереси и заштита на македонскиот идентитет, притоа исклучувајќи цели групи на граѓани кои по нивната мантра немаат право на својата држава и заштита на нејзините интереси. Зарем моите деца не сакам да имаат иднина тука, во мојата, нивната, нашата заедничка држава?
Второ што не сакам да го видам од политичка партија која вели дека се грижи за иднината е партија/ии кои ги повикуваат граѓаните на протест во истиот момент кога ќе пристигне предлог, повторувам предлог, кој заеднички треба да седнеме и да го разгледаме. За жал, таа можност ни беше украдена на сите нас. Можноста да седнеме и со ладни глави да ги разгледаме опциите кои ни се на маса. Напротив добивме вжештени глави, подгреан национализам и повторно поларизирање на ставовите и мислењата.
Нема да навлегувам во примери назад низ времето во кои, членки на Унијата и надвор од неа, решавале дури и повоени конфликти со практичност и прагматичност и низ дипломатски и политички успеси успеале да ја реизградат својата државност. Но, сите од внатре, заедно – напред. А, вака, внатре раздвоени и против себе, за жал сами си ја поткопуваме сопствената позиција.
Некои од моите сограѓани велат, времето ќе покаже… да, времето секогаш е показател, но и учител. Сакам да научиме да веруваме во себе. Никој не може да ни го земе она што е наше, ниту она што сме ние! Да не си ја земеме сами шансата.
Затоа, ајде да бидеме прагматични со многу љубов за нашата татковина напиша Битиќи на својот фејсбук профил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e