Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска се повлече од својата функција. Информацијата за неговата оставка е веќе потврдена, иако официјални детали за причините за ваквиот ненадеен потег по речиси осум години на чело на комисијата сè уште не се соопштуваат.
Оставката доаѓа во исклучително тежок период за Бислимоски, откако пред само две недели Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба.
„Бислимоски се сомничи дека незаконски овозможил компанијата ‘Тритерол петрол’ да продолжи со работа иако немала лиценца, со што фирмата остварила промет од над 3 милиони евра и противправна корист од околу 229 илјади евра“, се вели во обвинувањата на Финансиската полиција.
