Бесими за МИА: Иновативни решенија за фискална консолидација и финансирање на економско заздравување и раст

Одговор на новата ситуација предизвикана од ковид-кризата треба да даде Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст. Целта е да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, заздравување и забрзување на растот, а притоа да останеме на планот на фискална консолидација преку нови форми на финансирање кои ќе го активираат и приватниот капитал. Поддршка имаме и од меѓународните финансиски институции кои впрочем поттикнуваат нови финансиски извори и инструменти во насока на задржување на стабилноста на јавниот долг.

Ова во интервју за МИА го истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими, кој вели дека главната поента на планот е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра за период 2021-2025, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

Во однос на кризата, еве стигнаа и вакцините во земјава, почна масовната имунизација, во кое сценарио остануваме и дали и она што е реализирано во првиот квартал води кон тоа дека ќе го оствариме замислениот раст на БДП годинава?

– Согласно основното или најреалистично сценарио, годинава очекуваме раст на економијата од 4,1 отсто. Очекувањата на меѓународните финансиски институции и на Народната банка се блиску до владините проекции, со проектиран раст од 3,8 отсто за годинава од страна на Меѓународниот монетарен фонд и од 3,9 отсто од Народната банка.

Оваа проекција е правена врз основа на претпоставките дека поинтензивен процес на имунизација на населението ќе започне во вториот квартал од годинава. Согласно основното сценарио, се очекува кон средината на годинава да почне да расте и довербата кај инвеститорите и потрошувачите, што ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка.

Согласно последниот преглед на Меѓународниот монетарен фонд од април 2021 година, економскиот раст во евро зоната е проектиран на 4,4 отсто за 2021 година, што претставува нагорна ревизија во однос на проекциите од јануари. Со закрепнувањето на нашите трговски партнери ќе расте и надворешната побарувачка.

Секако, постојат ризици поврзани со здравствената криза, односно пролонгирањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Тоа би резултирало со ограничувачки мерки, реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и на домаќинствата, како и намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство.

Во услови на материјализација на ризиците поврзани со меѓународното окружување, односно преполовување на растот на надворешната побарувачка, закрепнувањето на домашната економија може да биде забавено, но сепак годината би ја завршиле со позитивна стапка на економски раст.

Согласно економските движења во првото тримесечје, ние се наоѓаме во основното сценарио, односно очекувањата се дека 2021 година ќе биде година на заздравување и враќање на патеката на економски раст.

Најавивте мерки за олеснување на ефектите од рестрикциите за угостителите, кога може да се очекуваат тие и мерките од петтиот пакет, со оглед дека некои од нив веќе ги преминуваат предвидените рокови?

-И едниот и другиот сет мерки може да се очекуваат набргу, во прашање се денови и секогаш се прават напори мерките да стигнат што побргу до стопанството и граѓаните, иако не секогаш може да се постигне со оглед на процедурите за законските измени.

Во однос на мерките за угостителите, теретаните и спортските центри и обложувалниците во текот на претстојната недела ќе бидат објавени мерките, односно моделот на обесштетување. Како што најави и премиерот, тоа ќе биде процент од приходите остварени во првото тримесечје.

Набргу, овие дејности, но и другите стопанственици погодени од кризата, како и граѓаните, ќе можат да ги очекуваат и мерките од Петтиот пакет кои се во собраниска процедура. Дел од роковите се пробиени, но ќе се направат прилагодувања преку амандамни за да може истите да се ползуваат. Така на пример, кај мерката финансиска поддршка за исплатата на плати, на работодавачите ќе им се даде можност истовремено да аплицираат за двете плати – и февруарската и мартовската. Рокот за мерката за финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани, исто така ќе биде поместен до крајот на месецов.

Целта е мерките да стигнат до граѓаните и стопанството и да го дадат економскиот и социјалниот ефект поради кои истите се донесени. Мерките даваат резултати, како што видовме и од претходната реализација кај четирите пакети. Владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии, истиот е амортизиран за 4,2 процентни поени, односно без мерките падот ќе достигнеше дури 8,7 отсто.

Од појавувањето на коронавирусот, Владата на Република Северна Македонија е максимално посветена на справување со негативните последици врз економијата. Во рамките на четирите пакети кои се предмет на анализа, донесени се околу 70 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани компаниите и граѓаните погодени од пандемијата. Износот на имплеметираните мерки, односно мерки кои им биле ставени на располагање на граѓаните и на стопанството е 860 милиони евра или 82 отсто од вкупниот план за износ на мерки. По пакети – првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот пакет мерки е 100 отсто имплементиран, третиот пакет 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто. Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така да вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми па дури да достигне и до може да достигне и до 99 отсто имплементација.

Целото интервју на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e