Потписот на премиерот Зоран Заев или некој од неговите заменици претседатели на Владата го дели од затворање рудникот Казандол во валандовско, изјави за Капитал министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Комисија беше на увид во комплексот Казандол и утврди дека според членот 13 од Договорот за концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро, има основа за еднострано раскинување, односно, концесионерот не ја исполнил обврската во рок од две години, односно до февруари 2017 година да изгради постројка за производство на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда. Јас како министер за економија, надлежен за овој сектор, врз основа на тоа, донесов предлог одлука да се раскине Договорот со концесионерот. Очекувам дека сите членови на Владата ќе ја поддржат оваа предлог одлука од Министерството за економија, и премиерот или некој од замениците претседатели на Владата ќе ја потпишат оваа одлука што ја очекуваат сите граѓани, особено луѓето од југоисточниот регион“, истакна Бектеши и додаде дека не очекува дека овој потег ќе има фискални импликации бидејќи има правна основа за тоа.