Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија, во вечерашното издание на “Топ тема” на Телма телевизија со свое видување за песимистичките проекции и црните сценарија во однос на предвидените намалени приходи во буџетот, како од релевантните меѓународни субјекти, така и од Министерството за финансии и други домашни релевантни фактори.
“Мене животот ме научил дека човечките жртви не можат да се бројат во проценти, па макар биле и минусни салда на бруто-домашните производи. Ние ќе претрпиме штета, ќе имаме губиток, ама најбитно е да имаме што помалку жртви. Економијата е таа која ќе најде начин да го надомести тоа, ќе го надомести со поголема работа, со поголема инвентивност итн.” – изјави Азески.
Во однос на прашањето како ќе оди процесот на обезбедување пари од странските пазари, Азески со коментар:
“Стручните луѓе знаат дека Македонија е средно задолжена држава и дека нашите соседи наоколу се задолжени дупло повеќе од нас. Ако гледаме во тој поглед тогаш ние сме во ситуација во која можеме уште да се задолжуваме ако тоа го правиме за продуктивни работи и за спас на населението, да ги употребиме за вистинската намена. Занчи, простор за тоа има, институции за задолжување во светот постојат, ако дојде критична ситуација или ако реакцијата е задоцнета, ќе платиш и повеќе. Треба да има луѓе што знаат тоа да го направат, а има такви луѓе. Граѓаните треба да бидат спокојни дека ако државата решила и рекла дека ќе ги употреби сите можни средства за да ги спаси работните места и економијата, тоа и ќе го направи. Луѓето што познаваат економија знаат дека тоа е можно.”
Азески воедно упати и апел од име на бизнисот:
“Апелот од нас, од бизнисот е да престанеме да се бавиме со историјата, да ја гледаме иднината, целите се остварливи, ајде да докажеме дека сме способни тоа да го направиме. Но, прво да ја преживееме кризата, а кризата ќе ја преживееме ако сите поеднакво го поделиме товарот. Тоа значи дека подеднакво се грижиме и за полнењето на буџетот и за неговото рационално трошење. И тука секој мора да ја одигра својата улога и да биде поставен така одговорно како што се договоривме на почетокот на кризата. Свесни сме дека ќе има проблеми, ама тие проблеми ќе се надминат ако бидат рамномерно распоредени на сите” – апелираше Азески.