Две „бомби“ беа пуштени на судењето за случајот Титаник 2, во кој меѓу обвинетите се и Сашо Мијалков и Мендух Тачи, за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година.
Првата бомба, која веќе беше објавена во јавноста, открива разговор меѓу Мијалков и Тачи.
Сашо Мијалков како тогашен директор на УБК му се јавува на лидерот на ДПА, Тачи и бара од него услуга за гласање на седница на ДИК.
-Ало, хитна ургенција, му вели Мијалков на Тачи, па продолжува: „Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица, му вели Мијалков.
Тачи со брз одговор: Нема проблем. За комунисти, сдс, четници, мајку им ј…м у п…а. Секогаш сум тука за тебе, за Вас!
Потоа лидерот на ДПА веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА.
„Ало, сега ја имате Струмица. Ќе гласаш да се поништи, пошто сме договорени за Чаир“, му вели Тачи на Бедредин, по неколку минути од разговорот со Мијалков.
Тогаш со гласот на Бедредин Ибраими, изборот за градоначалник на Струмица, каде во прв круг Зоран Заев од СДСМ го победи Васил Пишев, беше поништено гласањето. За ова во бомбите што ги пушташе тогашната опозиција на чело со Заев, Гордана Јанкулоска како министерка за внатрешни работи му се јавува на тогашниот пратеник Гошев и му дава инструкции: „Прајте све! Ливче нека снема!“, само за да има основ за приговор за победата на Заев врз Пишев, што и се случи.
Бедредин на снимката од седницата на ДИК што беше пуштена во судница, навистина констатира дека во Струмица фалело ливче. Му ѕвони телефонот, Виолета Дума му вели: „Штаб зове Бедредин? Јави им се”.
Во овој случај покрај Мијалков и Тачи обвинети се и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.