Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати апел до пешаците за нивно одговорно учество во сообраќајот и ги потсетува дека, внимателното учество во сообраќајот не е грижа само на возачите, туку и на пешаците.
Статистиката покажува дека минатата година 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 17 се на возраст над 65 години, а повеќе од 900 биле сериозно повредени.
Според републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај неодговорните возачи и несоодветната сообраќајна инфраструктура, е и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од нивна страна.
Па оттаму додаваат дека прв и најважен чекор кон поголема безбедност на пешаците во сообраќајот е будење на свеста и стекнување добри сообраќајни навики, почитување на сообраќајните правила и прописи, поголема сообраќајна култура и поголема меѓусебна толеранција меѓу пешаците и возачите.
Извор: 24ТВ