Апасиев и Сиљановска биле на иста политичка линија уште од времето на Груевски, а таа не чула пратеници и министри да бидат револуционери

Првиот човек на „Левица“, Димитар Апасиев по денешната средба со претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, истакна дека тие имаат заеднички точки и во наредните денови ќе го кажат својот став дали ќе ја поддржат Силјановска во вториот изборен круг.

„Имавме конструктивна средба. Ние цениме дека зазедовме антибојкот позиција, затоа што бојкотот во овие избори не е потребен. Констатиравме дека ние сме биле на иста политичка линија, уште од време на Груевски. На средбата беше отворено прашањето за Преспанскиот договор и ние имаме органи во партијата и верувам дека до пред изборниот молк ќе имаме став дали ќе ја поддржеме Силјановска. Има шпекулации дека Мицкоски ми купил кола, Мијалков дека ми купил стан, но тоа не е точно. Да сакав да се „шитнам“, уште досега ќе бев пратеник. Ако некогаш станам пратеник, тоа би било на силите на Левица. Јас не се гледам како политичар или како месија, туку како професор по право“, истакна Апасиев.

Претседателскиот кандидат пак Гордана Сиљановска-Давкова, по средбата со Димитар Апасиев и Левица, рече дека очекува цензус во вториот круг на изборите, затоа што како што рече, верува дека студентите кои таа ги учела ќе знаат за кого да гласаат.

„Разговараме за она што се соочува Македонија. Мислам дека е јасно дека доаѓа крајот на политичките глумци на Балканот, особено на Западен Балкан. Тоа е веќе прочитано и јасно. Очигледно е дека оние кои ја креирале кризата на демократијата, не можат да бидат реформатори. Потребен е радикален пресврт, а тоа значи поинаква политика, луѓе кои се спремни да го вложат своето знаење, луѓе без фрустрации и луѓе почитувани.  Крајно време е сите да се изборат за своето право, а не со полнење на кутии, не со семејно гласање. Верувам дека тие кои сум ги учела, ќе знаат за кого да гласаат. Јас знам што е револуција, но како одеднаш сега повторно се појави „Шарена револуција“?. Јас не сум чула пратеници, министри да бидат револуционери. Се надевам дека ќе биде исполнет цензусот за вториот круг и се надевам дека сериозно ќе се земат предвид предупредувањата на Венецијанската комисија“, порача Сиљановска-Давкова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e