Зоран Ременски, внукот на пратеничката Фросина Ременски, се најде на новата листа од 42 имиња на Антикорупциска комисија како можно вработување преку непотизам во АД ЕЛЕМ на денешната седница.
Како вработена во АД ЕЛЕМ на списокот се најде и шурнајката на министерот за економија Крешник Бектеши, а нов момент е со Ајсел Фазлиу, сестрата на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, како вработена во Владата, како и неговиот внук Абдул Кадел кој бил унапреден во директор за безбедност на железничкиот систем.
На списокот се најдоа и имиња од претходното раководство кои беа критикувани во последно време од власта. Таму ја има Кристина Божиновска со работно место во Агенцијата за електронски комуникации како сопруга на поранешниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, и снаа, вујко, братучед и братучетка на пратеникот Антонио Милошоски вработени во УЈП, Катастар, Централен регистар и Водовод Скопје, како и таткото и сестрата на генералниот секретар на ВМРО, Игор Јанушев, од Центар за управување со кризи и МВР.
На списокот се најде и ќерката на Сеад Реџепагиќ, судијата на претходна постапка, кој одлучуваше за притворот на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како вработена во Основен суд Скопје.
Антикорупционерите ќе поведат прекршочна постапка за Азис Положани, кој бил избран за ректор на Универзитетот ,,Мајка Тереза”, а не доставил никаков анкетен лист за неговата имотна состојба. Положани беше избран за ректор во април 2018 година, и се уште немал доставено анкетен лист.
Отворени се и три случаи на корупција по пријави од граѓани, а во еден случај вмешан е и министер, но Комисијата не сакаше да го обелодени неговото име, ниту пак сакаше да каже дали е од сегашната или од минатата владејачка гарнитура.
Извор: Фактор
