Државната антикорупциска комисија отвори предмет по допрен глас за да го проверува имотот на претседателот Ѓорге Иванов, откако телевизија 24 објави дека тој купил два стана и гаража на име на неговиот син, кои се запишани во Катастарот со преддоговор за купопродажба, зашто становите се се уште во градба.
Антикорупционерите сега ќе проверуваат каков се имот поседува претседателот и од каде му се парите за двата стана, кои според проценките чинат над 250 илјади евра. Иванов во Антикорупциска не пријавил дека трошел пари од банкарските сметки, ниту дека зел кредит за купување на станови, како што тој вчера тврдеше за телевизија 24. Претседателот, како и сите други функционери, е должен да пријави промена на имотот во рок од 30 дена од промената, а според анкетниот лист, тој тоа не го направил.
Од вилата на Водно денес немаше одговор зошто претседателот тврди дека купил само еден стан, кога во катастарската документација до која дојде телевизија 24 со барање за слободен пристап до информации, јасно стои дека на име на неговиот син се запишани два стана, едниот од 91 метар квадратен, а другиот од 131. Дополнително е купена и гаража од 23 метри квадратни. Од кабинетот само кусо ја поздравија најавата дека Антокурупциска ќе ја проверува имотната состојба на Иванов.