Случајот „Диво насеље“ ќе се најде на маса меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ. Според најавите, се очекува Али Ахмети да го извести Зоран Заев за иницијативата за формирање на анкетна собраниска комисија за случајот.
Очекувањaта на ДУИ се таа да ги открие мотивите и организаторите зад кумановските настани. Од пратеничката група на СДСМ и пред темата да се најде на маса најавија дека ќе се потпишат на иницијативата – потврди за ТВ24 генералниот секретар на партијата и пратеник, Александар Кирацовски.
„Се што е во насока на ефективно и брзо расветлување на случајот „Диво насеље“ од наша страна ќе биде поддржано“, вели Кирацовски.
Поддршка за формирање на анкетна комисија за случајот најавија и од Алијансата за Албанците, бидејќи според лидерот на партијата, Зијадин Села, на тој начин ќе се отстранат дилемите во јавноста.
„Секаква иницијатива која е во насока да ги расветли настаните во кумановската населба ја има нашата поддршка. Секој кој се спомнува како сведок во случајот, без разлика на политичката функција, треба да сведочи јавно. Само така ќе покажеме дека се залагаме за правна држава“, порача Села.
Од ВМРО- ДПМНЕ пак одбиваат да ја коментираат иницијативата на ДУИ, се дури таа и официјално не се најде во парламентот. Ниту пратениците на БЕСА не сакаа да коментираат за иницијативата, само накусо велат дека истата комисија ќе треба да ја истражи вмешаноста во случајот на Ахмети и неговите соработници.
Висок партиски функционер на ДУИ вели дека инсистирањето на интегративците за анкетна комисија доаѓа по повеќе консултации со дел од правните експерти, кои толкувале дека во моментов нема правна издржаност за меѓународна истрага во оваа фаза од судскиот процес.
Сепак дел од правниците децидни – во овој случај е неопходно да има таква истрага. Поранешниот обвинител, Александар Наков вели тоа ќе биде многу бавен, но нужен процес.
„Луѓето кои на еден начин се во власта, ги спречуваат сите чекори на локалната власт да се дојде до конечно и трајно решение. Тој процес ќе биде бавен, мора да дојдеме до одредени промени, во полицијата, во структурите на ДБК и во сите останати структури во службите за да може да очекуваме еден конечен и позитивен исход“, вели Александар Наков, поранешен јавен обвинител.
Официјалниот став на Владата по ова прашање вчера го пренесе министерот за правда Билен Салији, кој порача дека ќе бидат вклучени меѓународни експерти за сите случаи кои до крај не се расчистени. Дека во случајот Диво насеље ќе се вклучат и меѓународни експерти порача и министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.
Надежи во таква истрага имаат и дел од осудените, иако нивните адвокати не кажуваат што очекуваат тоа конкретно да смени за нивните клиенти. Безбедносните експерти пак стравуваат дека дел од клучните докази во случајот веќе се уништени.
Извор: 24 телевизија