Поради проблемите меѓу возрасните и честите разводи, децата се принудени да живеат разделени од едниот или двајцата родители, од нивните браќа и сестри, дедовци и баби… па, оправдано се поставува прашањето: Кој во вакви случаи води сметка за тоа што е најдобар интерес на детето? Дали Центрите за социјална работа успеваат ефикасно да им помогнат на родителите да сфатат дека тоа дете е нивно заедничко иако повеќе не живеат заедно? Колку се оправдани одлуките на родителот да го попречува видувањето на детето со другиот родител, односно ефикасни ли се мерките кои може да ги преземе центарот во вакви случаи?
Покрај центрите, голема е улогата и на судовите кои одлучуваат по тужби за развод на брак, имајќи предвид дека во случаи кога сопружниците имаат малолетно дете/деца одлучуваат на кој од родителите ќе му го доверат детето на натамошно чување, при што се бара и мислење од надлежниот Центар, со цел одлуката да биде во најдобар интерес на детето.
Се поставува и прашањето дали сегашниот систем со доверување на детето под старателство на еден родител е добар модел и дали можеби заедничкото родителство по развод, за што има и постоечка иницијатива, е подобро решение.
Неретко се случуваат ситуации откако едниот родител ќе го добие старателството врз детето или децата, да одбива да ја спроведува одлуката за дозвола за видување односно остварување контакти со другиот, или пак родителот кој не е старател да не се грижи за нив, па да не го искористува правото да се гледа со нив.
На оваа тема истражување во центрите за социјални работи и основните судови спроведе Народниот правобрател, чии резултати беа објавени во декември минатата година, а се однесува на периодот 2014-2016 година.
Во овој временски период меѓуопштинските центри за социјална работа постапувале по вкупно 4.520 случаи во врска со правото на одржување на лични односи и непосредни контакти меѓу дете-родител. Констатирале и дека честопати, поради нередовното остварување на видувањата меѓу детето и родителот со кого не живее, без оглед на причините, кај детето може да се јави отпор за одржување лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее.
Во врска со ова прашање, од центрите за социјална работа одговориле дека нивни стручни тимови во најголем дел од случаите ги повикуваат родителите на советување или ги упатуваат на советувалишна работа во рамки на институцијата или во други институции, како што се ЈУ Заводот за ментално здравје, здравствени установи и слично.
Од центрите истакнуваат дека по преземените мерки од страна на стручните тимови во 70 случаи во 2014 година, 112 случаи во 2015 година како и 93 случаи во 2016 година успешно е надминат отпорот кај детето, односно дека повторно се воспоставени личните односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее.
Наташа Стојческа од Иницијативата за заедничко родителство вели дека со сегашниот систем со кој старателство добива само едниот родител, а другиот само право на видување со детето, државата сите деца од разведени бракови присилно ги осирачува, односно ги става во позиција да растат без значајно присуство на едниот родител и целата негова фамилија.
– Овој систем што сега е на сила е варварски со кој по развод не се зема предвид дали детето има двајца родители кои сакаат, можат и се подобни да учествуваат во неговиот развој. Наместо тоа законот предвидува детето да се додели на чување, воспитување на само еден родител кој станува родител од прв ред додека другиот родител има право на контакти со детето и со тоа стекнува статус на родителот од втор ред, вели таа.
Сепак, центрите известуваат за случаи кога и покрај преземените мерки не се воспоставени личните односи и контакти помеѓу детето и родителот. Ваков случај во 2014 имало само еден, во 2015 година – два и еден предмет во 2016 година.
Впечатлива е бројката на случаи каде е евидентиран инструиран отпор кај детето од страна на едниот родител, за што центрите за социјална работа известуваат за 52 случаи во 2014 година, 61 случај во 2015 година и 72 случаи во 2016 година.
Според Стојческа, најголемот проблем произлегува од несфатливото толкување на Законот за семејство од страна на центрите за социјална работа, кои иако во него не е наведено, носат одлуки според кои секундарниот родител може да контактира со своето дете не повеќе од пет, шест дена месечно.
– Многу често има некои апсурдни одлуки каде гледањето на два часа месечно, четири часа неделно, еднаш во десет дена. Најциничниот дел по сето ова е што во сите решенија пишува дека се донесени во најдобар интерес на детето без притоа да се објасни како е во интерес на децата да има толку ограничени контакти со едниот родител, вели Стојческа.
– Ги злоупотребува државните институции за да го отстрани другиот родител и ова најчесто се прави за одмазда во услови на конфликтните разводи. Центрите на тој начин, стануваат соучесник и алатка во рацете на несовесните родители кои се одмаздуваат на бившите партнери преку децата, а со тоа свесно или несвесно им нанесуваат големи страдања и штета. Ваквата пракса е само реакција и одговор на желбите и ставовите на родителите. Ние се залагаме децата да се стават во преден план. Знаеме дека децата се малечки, многу од нив не можат да кажат или доколку кажуваат баш и не се сослушани. Во нашата иницијатива имаме деца кои се полнолетни, кои го минале тој период на своите родители и тие кажуваат всушност како реално се чувствувале и кои се последиците, вели Стојческа.
Судовите за овој период постапувале во 2.688 случаи за доверување на дете. Притоа, во 1.400 случаи, постапка за доверување на дете е покрената од страна на сопругата, односно мајката, додека во 1.288 случаи постапката е покрената од страна на сопругот, односно таткото на детето.
Анализата на податоците добиени од судот покажува дека, судовите во поголем број случаи децата да ги доверуваат кај мајката отколку кај таткото, па така, во периодот 2014-2016 година, во 2.529 случаи судот одлучил за доверување на детето на мајката, а во 503 случаи на таткото.
Праксата на Народниот правобранител потврдува дека центрите за социјална работа честопати, при одлучувањето по барањата за правото на видување, во напорите да „им удоволат“ на родителите, го забораваат најдобриот интерес на детето, многу ретко го бараат мислењето на детето, па решенијата кои ги носат повеќе се исполнување на барање на едниот или другиот родител, отколку акт со кој прецизно се определени видувањата, а кој е донесен во најдобар интерес на детето.
Од оваа институција порачуваат дека подолготрајното одвојување на детето од едниот родител негативно влијае врз детето и ја зголемува можноста од појава на отпор кај детето кон контактите со родителот со кого не живее. Затоа оттаму препорачуваат надлежните центри за социјална работа и судовите при одлучување за доверување дете кај родител секогаш да се раководат од најдобриот интерес на детето, при што на детето кое е способно да формира сопствено мислење, да му обезбедат право на изразување на мислењето и да посветат потребно внимание во согласност со возраста и зрелоста на детето.
Затоа, Стојческа вели се залагаат за прекин на како што посочува сегашната неодржлива пракса со измени на само неколку члена во Законот за семејство.
– Законот вели родителите имаат еднакви права и одговорности, меѓутоа во праксата не е така. Прво предлагаме да се укине сегашното доделување на децата на еден родител, односно по разводот и двајцата родители да останат еднакво одговорни и вклучени во животот на детето, бидејќи природно детето е плод на двајцата родители и двајцата родители се грижат за децата додека се во брак и оваа природна поставеност дете-родител не смее да се смени само затоа што родителите се разведуваат. Не се разведуваат по желба на децата, туку по своја желба, вели таа.
Додава дека предлагаат и право на минимално загарантирано време на детето со родителот со кој не живее, а тој минимум во државите каде што постои заедничкото родителство е околу 120 дена годишно.
– Исто така секогаш кога родителите можат, сакаат и се подобни, а живеат блиску односно во ист град да се воведе принципот на еднакви временски интервали како научно докажан најполезен систем за децата од разведени бракови. Воведувањето една ваква праведна и јавна рамка во голема мера ќе ги скрати можностите за сите манипулации и произволно одредување на времето за видување од страна на надлежните, вели Стојческа.
Во таа насока се и размислувањата на Народниот правобранител. Оттаму сметаат дека центрите за социјална работа треба да преземат мерки за непречено остварување на правото на лични односи и контакти на детето со двајцата родители, согласно волјата и интересот на детето, без притоа да се ограничи правото со определување на максимално времетраење на видувањата. Воедно, да се преземат мерки во случаи кога родителот го попречува правото на одржување на лични односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее и во тој контекст да се санкционира таквото однесување согласно закон.
Славица Стефановска
Даниела Маркоска Алексовска
Извор: МИА