Безнадежни детски очи, заостанат психички и физички развој, лоши услови за живот, недоволна грижа – „промашени судбини“ или максимална неодговорност на оние во чии раце „паднале“ животи на најневините. Застрашувачки факти кои ја покажуваат суровата реалност на она што се случува во македонските установи за социјална заштита.
Достоевски рекол, сите идеали на светот не се вредни за солзите на едно дете, зошто тогаш во Македонија секојдневно некој дозволува да бидат пролеани. Чија е вината за начинот на кој живеат децата кон кои судбината и онака не била милостлива.
– Недоволен и несоодветен кадар за грижа, стар и искршен мебел, влага, небојадисани ѕидови, се само дел од лошите услови во кои живеаат децата во домовите кои се без родители или родителска грижа вели Сенада Сали, правничка од Европскиот центар за права на Ромите (ЕРРЦ), додавајќи дека, покрај тоа, во текот на изминативе денови во јавноста протекоа и информации за неколку сексуални злоставувања и несакани бремености кај малолетнички.
Сали нагласи дека, децата кои се одземени од нивните родители поради несоодветна грижа се доверени на оние кои на истиот начин „се грижат за нив“. Од друга страна, таа вели дека, постојат голем број очајни посвоители кои чекаат дете, како и разочарани родители кои не добиваат никаква помош од државата со цел да можат да си ги вратат назад своите деца од институциите.
– Тоа се проблеми кои нерешени тлеат со години, а децата растат. Државата не употребува ниту еден механизам со цел да им помогне на родителите, од кои се одземени децата или пак ги оставиле нивните деца во дом бидејќи немаат можности да се грижат за нив, да создадат пристојни услови за да си ги земат и тие да растат крај нив во атмосфера во која владее љубов, почит и разбирање, констатираше Сали.
Психологот Бојана Стојменовиќ оценува дека е потребно да се формираат нови тимови од стручни лица, кои ќе работат со децата од домовите секојдневно, а не само по потреба.
– Постојат истражувања чии резултати покажуваат дека децата кои се растени во домови, заостануваат во однос на психичкиот развој, а во многу помал процент и во физичкиот развој, за споредба со другите деца од нивната возраст, наведе Стојменовиќ.
Таа констатираше дека постојат повеќе фактори што придонесуваат за тоа, како што се условите на објектот, примарната нега и грижа, стручниот кадар што работи со нив и го следи нивниот развој и секако љубовта што ја примаат.
– Постои навистина голема стигма околу овие деца и дека тие ќе пораснат во девијантни личности. Забораваме дека девијантното однесување е само резултат од негативното влијание на средината, потенцираше Стојменовиќ.
– Тука кај нас во однос на тој план не чека уште многу работа. Мислам дека токму овие немили настани кои што се случија ќе поттикнат многу големи промени. Навистина сметам дека е многу тажна и трауматична приказна и за децата и за родителите, заклучи Стојменовиќ.
Владата најави дека се подготвува нова стратегија за деинситуционализација со поддршка од ЕУ, која треба да биде готова до средината на годинава, по што ќе се направат обиди процесот да заврши до 2020 година.
Најавено е дека треба да се направат планови за трансформација на секоја институција одделно, како и стандардизација на услугите што ќе треба да ги добиваат овие лица, и секој кој сака да дава поддршка на живеењето на овие лица во заедниците ќе мора да ги исполни стандардите, што би значело дека треба да се направи систем на лиценцирање преку јавни и транспарентни постапки да се бираат даватели на услуги, кои ќе добиваат одредена сума пари по згрижено лице.
– Институциите не го даваат ефектот на развој и грижа за децата. Оваа конференција ќе ја заокружиме со јавна заложба дека ќе останеме посветени на оваа реформа и дека ќе создадеме услови- децата од 0-3 години до 2020 година повеќе да не се сместуваат во облиците на институционална заштита. Бидејќи секое дете е важно и бидејќи секое дете треба да расте со топлина, љубов и грижа од друго човечко суштество, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на конференцијата „За секое дете, семејство” посветена на заложбата на Владата до 2020 година да се стави крај на сместувањето на деца под три годишна возраст во големи институции.
На истата конференција, шефот на Делегацијата на Европската унија Самуел Збогар наведе дека Европските насоки за транзиција од институција кон грижа на ниво на заедницата, нагласуваат дека кога станува збор за многу мали деца, дури и краткотрајното сместување во институција може негативно да влијае врз развојот на мозокот и да има последици врз емотивната благосостојба за цел живот.
Останува надежта дека тоа е само прв владин чекор во решавањето на судбоносните проблеми што постојат во установите за социјална заштита. Малите невини битија кои имаат потреба од неизмерна љубов и грижа, најмалку заслужуваат да страдаат. Да се направи нивниот свет подобро место за живеење, е она за што сите треба да се залагаме.
Симона Митровска
МИА