Претставникот на земјоделците и Претседател на здружението на одгледувачи на овци од Западниот регион, Меџит Амити, во својата изјава посочи дека изминативе години сточарството како гранка беше доста запоставено и Република Македонија од лидер во овчарството со сточен фонд од 2.000.000 грла падна на 300.000 грла.
Во таа насока тој побара поддршка од Владата да работи на подобрување на условите за развој на овчарството и воедно посочи дека со мерките што ги презема Владата оваа година постигната е повисока цена за откуп на јагнешкото месо.
Во одговори на новинарски прашања министерот рече дека од оваа година се зголемени субвенциите за предадено овчо млеко за литар од 3.5 денари на 4 денари, дека се воведува систем по квалитет за субвенции за тутунот и млекопроизводството со цел да се стимулира зголемување на производството.
Премиерот Заев надополни дека како помош за земјоделците Владата ја воведе и зелената нафта, со цел да останат повеќе пари кај земјоделците. Како што рече тој,преку создавање на услови за профитабилност на оваа гранка луѓето ќе се мотивираат да работат земјоделство, а владата е тука да им помогне на земјоделците во пласманот преку изнаоѓање на нови пазари.