Без симболичното фрлање на лопата претпознатливо за претходната Влада, денеска во слободната зона Бунарџик 2 кај Скопје почна изградбата на фабриката на американската компанија „Дура аутомотив системс“. Вкупната инвестиција е 18 милиони евра и се очекува со производство да започне следното лето. За десет години планираат вложувања од 38 милиони евра и отворање на 500 работни места. Во погонот ќе се произведуваат екстериерни алуминиумски лајсни и кровни носачи за европски производители на автомобили.
„Зоната во Скопје има најдобра оценка и е најдобра во однос на работната сила, владиниот ангажман и за понатамошно успешно работење. Менаџментот на ДУРА ја истакнува извонредната соработка со Владата и за многу брзо време ги завршивме стратешките операции“, рече Мајк Бекет, потпретседател на Дура.
„Во Република Македонија сме посебно горди што веќе 40 проценти од капиталот веќе во слободните царински зони е капитал од САД. Ова е деветта инвестиција од САД само во технолошко развојните зони. Ова е инвестиција од делот на 180 милиони евра колку што тие девет инвестиции имаат донесено во Македонија“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.