Во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот ,,Тортура” на специјалното јавно обвинителство. На денешното рочиште сведочи оштетениот Љубе Бошкоски. Тој сведочеше дека на 6 јуни 2011 година го повикал човек кого го сметал за пријател во ресторанот ,,Воденица”, заштитен сведок во случајот ,,Кампања”.
,,Со мене имав кесичка со пари кои никогаш не ги броев и не ги гледав иако беа изложени пред мене. Само што тргнав кон автомобилот, некој извика Стој! Полиција. Јас во шок ја фрлив кесичката со пари и застанав во место”, сведочеше Бошкоски. Тој рече дека тогаш дотрчале полицајци со и без фантомки, го однеле до автомобилот и му ги рашириле рацете.
,,Почнаа да ме претресуваат. Се собра поголема група полицајци. Почнаа потоа да викаат: Легнете го на земја ѓубрето! Пичка му материна! Легнете ги и двајцата, ѓубриња предавнички”, рече Бошкоски. Тиј додаде дека во, како што рече, политичкиот реваншизам и омраза не се штеделе вулгарни зборови и пцости.
,,Ме газеа со колена. Еден од нив ме легна, ми ја сврте главата и ми впери пиштол во образот и ми рече: Ова ти е поздрав од шефот. Лај сега ѓубре едно!” сведочеше лидерот на Обединети за Македонија. На тоа, Љубе рекол дека знае оти операцијата е по нарачка на Сашо Мијалков, ексдиректорот на УБК. На тоа еден од ‘алфите’ му кажал никогаш да не го споменува името Сашо и да го вика само „шефот”.
,,Сашо Мијалков беше дигнат на ранг на библиско суштество”, рече Бошкоски во сведочењето.
Тој додаде дека го залепиле до полски тоалет и викале ,,Залепи го ѓубрето. Тука му е местото”. Бошкоски сведочеше дека и во автомобилот кон полициската станица продолжиле да му говорат дека операцијата му е поздрав од шефот и дека го враќале назад на местото каде што го уапсиле за да го снимаат со камери.
