Македонскиот театарски режисер Александар Поповски зборувајќи за национализмот во интервју за Радиотелевизија Словенија како пример ја наведува и Македонија во контекст на албанскиот јазик.
„Бесмислено е, на пример, во Македонија да им се забранува на Албанците да го употребуваат својот јазик. Или во Хрватска да се кршат табли со натписи. Јазикот не може да биде непријател, ниту, пак, буквите“, вели Поповски во интервјуто за словенечката државна телевизија, во кое се вели дека тој го изгубил контактот со државата: „Не знам што точно е денес Македонија. Таму долго не сум работел. Работите се менуваат, луѓето се менуваат. Можеби ќе морам повторно да ја спознаам Македонија“. Но, тоа не му пречи да е „лут на растечкиот национализам“, како што констатира авторот на интервјуто, пред да го цитира Поповски погоре околу јазикот.
Поповски го изнесе својот став и за проблемот што го има Грција со името на македонската држава.
„Ги гледам протестите во Грција. Не ја даваме Македонија. Некои луѓе не ја даваат… Чекајте, сè уште не сте дознале дека Македонија постои. Тоа прашање мораше одамна да се реши на цивилизиран начин. Но, кажете ми, ве молам, едно нешто на Балканот што се решило цивилизирано!“, додава режисерот, кој на 8 март во Љубљана премиерно ја режираше претставата „Дантоновата смрт“ од германскиот драматург Георг Бихнер.