Според новата програма за субвенционирање за 2026 година власта го подига долниот праг како услов за субвенционирање. Нов услов е 30% од произведеното да се предаде во откупен центар или кај преработувачи. Сите што имаат една или две крави веќе нема да добиваат субвенции. Во козарството досега ако имавте до 10 грла добивавте субвенции, сега тоа се укинува. Кај лозарството ако имате помалку од пет декари заборавете на субвенции од државата.
На ова вчера остро реагираше и опозициската СДСМ.
“Во земјоделството ги скратија субвенциите од 140 на 100 милиони евра. Секој ден сведочиме за проблеми кои ја отсликуваат вистинската владина политика.” – рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче остро ја критикуваше власта за луксузирањето и негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.

